Заменик помошникот на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Хојт Ји, денеска ќе престојува во Македонија, при што треба да се сретне со претставниците на државниот врв и опозицијата. Тема на неговите средби со македонските политичари, според најавите, ќе биде спроведувањето на договореното во Пржино и подготовките за спроведување на изборите.
Тој ја посети земјава и минатата година, во екот на преговорите за надминување на политичката криза која настана по објавување на „бомбите“, кога порача дека македонските политички елити сами треба да најдат решение.
– Ако го погледнете регионот и другите земји во соседството ќе видите дека тие не стојат во место. И меѓународната економија и пазар не мируваат, чекајќи Македонија да ги реши внатрешните проблеми. Ќе забележете дека Албанија, Црна Гора, Србија, Косово се движат напред, сите освен Босна и Херцеговина одат напред. Се разбира дека не целосна вина на Македонија, тука е и проблемот со името, но големо влијание има и сегашната криза која мора да се реши набрзо, со цел Македонија да не ја изгуби шансата да напредува кон ЕУ и НАТО – истакна тогаш американскиот дипломат.