Заменик -помошникот државен секретар за Европа и Евроазија во Стејт департментот, Хојт Ји во интервју за босанската редакција на Гласот на Америка истакна дека и покрај тоа што имаше тешки моменти, како настаните во Собранието во април, кои беа надминати, сега Македонија има нова влада и тоа е мошне позитивен чекор.
– Воедно ова е и позитивен пример за останатиот дел од регионот, за тоа како тешкотиите и политичките кризи можат да се надминат со политичка волја. Одлуката на претседателот Иванов да му го додели мандатот на Заев, е „показател дека демократијата во Македонија е издржлива и цврста“ – истакна Ји.
Тој вели дека очекуваат од новата влада да биде партнер со меѓународната заедница, со ЕУ, САД, со земји-долгогодишни партнери на Македонија, во насока на спроведување на потребните реформи за да може да напредува.
– Да ги реши прашањата со соседите, вклучувајќи ја Грција. Целта е постигнување на спогодби коишто би го деблокирале патот на Македонија кон евро-атлантска интеграција – порача Ји.