На оваа средба уште еднаш покажавме дека мнозинството е стабилно, дека владејачкото мнозинство треба да продолжи. Сите се согласивме дека какви било процеси што би воделе кон предвремени парламентарни избори ќе бидат многу проблематични, тешки и за економската ситуација, социјалната и безбедносната во државата. Затоа сите едногласно сме против организирањето на предвремени избори, истакна генералниот секретар на Беса, Аријанит Хоџа, по координативниот состанок на премиерот Зоран Заев со лидерите на коалициските партнери.
Тој посочи дека сегашната Влада го добила мандатот во 2020 година и, како што рече, тоа што го презеле како одговорност на почетокот на составувањето на Владата се евроинтеграциските процеси, кои се многу важни.
– Се наоѓаме во многу деликатен процес и заради тоа треба сите заеднички да го искажеме ставот дека навистина е потребно да продолжи владејачкото мнозинство бидејќи целта и на оваа Влада кога се состави беше да се забрза процесот на евроинтеграции, рече Хоџа.
Тој, околу оставката на премиерот Заев, нагласи дека Беса не се согласуваат со тоа, но оти тоа е личен чин за кој премиерот само одлучува.