Хоџа: Не знаеме каде е Реџепи, очекуваме во понеделник да објасни

by Fokus

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа заедно до двајцата заменици-министри од движењето Беса денеска поднесоа оставки од функциите. Тој на прес конференција истакна дека одлуката на пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи, е спротивна на одлуката на партијата и за тоа сигурно ќе има мерки.

-Ако е тоа негова одлука, таа одлука е спротивна од органите на партијата, сигурно ќе има мерки.Ние немаме никаков контакт со него, се надеваме дека е добро и очекуваме во понеделник да даде одговори каде бил. Значи не е прв пат на Беса да и се случуваат вакви работи, и тогаш кога сите очекуваа дека Беса нема да биде во политичката сцена, се вративме со 4 пратеници и сега добивме две општини, порача Хоџа.

Инаку, пратеникот Реџепи, иако потпишан на иницијативата, сепак вчера преку Фејсбук статус посочи дека нема да присуствува на седницата за гласање на недоверба на Владата.

Со оваа одлука, овозможи опозициските пратеници да немаат кворум.

– Поради нарушување на демократијата на локалните избори од страна на дел на оваа Влада на чело со вицепремиерот од ДУИ каде беше повредено правото на демократијата со манипулативни методи и за жал тоа продолжи и во текот на вчерашниот ден кој беше најсрамниот ден за нашата демократија. Затоа поднесувам оставка од функцијата министер заедно со двајцата заменици министри бидејќи не можеме да го идентификуваме нашето политичко дејствување како движење „Беса“ со коалиционен партнер за кој јасно се гледа дека го користи секое недемократско дејствување со единствена цел да остане на власт. Ако во 2016 година беше соборен режим, а другиот дел од режимот не беше соборен, туку доби шанса да се реформира, денес после пет години, се докажа дека не само што не се реформирани, туку ги усовршиле своите методи на класичен режим, изјави Хоџа.

Во моментот, според Хоџа, не е загрозен евроинтегративниот пат на државата, туку загрозена е демократијата и тоа од страна на ДУИ, која, како што рече, треба да се реформира.

 

Поврзани новости