Од 310 сексуални работници, 211 или 68,1 отсто од испитаните потврдиле дека биле малтретирани поради сексуалната работа, покажува последното истражување на ХОПС. Загрижувачки е што повеќе од 12 отсто од испитаните сексуални работници навеле дека барем еднаш биле подложни на сексуално насилство, а 10 отсто од испитаниците биле присилени од клиентите да имаат сексуален однос без кондом, спротивно на нивната волја, притоа изложувајќи ги на ризик од пренесување на заразни болести.
-Најчести сторители на насилство сексуалните работници ги наведуваат клиентите (87,6 отсто), полицијата (43,1 осто) и семејството (28,4 отсто), а во однос на зачестеноста на малтретирањето, најмногу одговориле дека малтретирање од клиенти и полиција им се случува барем еднаш во месецот, дел одговориле дека тоа се случува најмалку еднаш неделно, додека тие што се малтретирани од семејството, одговориле дека секојдневно се соочуваат со малтретирање. Посебно загрижувачка е праксата на неказнување на сторителите на насилството, а од интервјуираните сексуални работници се потврдуваат случаите кога пријавиле насилството, полицијата не постапила согласно своите законски овластувања по ваквото пријавување. Приближно 37 отсто од испитаните сексуалните работници одговориле дека немаат, односно не очекуваат помош од никого, а само 1,3 отсто одоговриле дека очекуваат или добиле помош од полиција. Непријавеното и несанкционирано насилство врз сексуалните работници дополнително ги охрабрува насилниците да продолжат со насилството“, се наведува во соопштението на ХОБС.
-Сексуалните работници и нивните поддржувачи во Македонија повикуваат на солидарност во борбата против насилството, зголемување на заштита од институциите и промена на перцепцијата на јавноста кон нив. Со таа порака денеска, на Меѓународен ден за борба против насилството врз сексуалните работници, ќе се придружиме на маршот на црвениот чадор и ќе ја искажеме поддршката кон сексуалните работници во Македонија, велат од ХОПС.