Американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил, денес изјави дека Приштина ќе ги сноси последиците бидејќи не ги послушала советите на Соединетите Американски Држави, и дека тоа ќе влијае на односите со Вашингтон, но дека не е запознаен со сите детали, пренесе „Танјуг“.
Тој ова го изјави пред новинарите во Белград и додаде дека мора да се постигне напредок во нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина, формирање на Заедница на српските општини (ЗСО) и продолжување на дијалогот.
„Нашиот државен секретар, Ентони Блинкен, јасно стави до знаење дека се спротивставува на каков било потег што го направил Курти што е спротивен на сите совети што ги дававме. Блинкен рече дека ќе има последици. Мора да се стремиме да не го изгубиме компасот и насоката на движење, а тоа е формирање на ЗСО, нормализирање на односите. Потребно е балканскиот регион да се помири и да продолжи во насока на ЕУ и евроатлантските интеграции“, рече Хил.
Тој додаде дека претходните денови биле многу тешки на многу начини, како и дека Америка со жалење гледа на сите напади врз КФОР и неговите војници и тоа не треба да се повтори.