Денеска се одбележува Светскиот ден за борба против сида. По овој повод денеска се одржа првиот дел од дводневниот регионален состанок на Југоисточна Европа за ХИВ, на кој учествуваат 50 претставници од Глобалниот фонд, државни институции, граѓанскиот сектор и претставници од заедниците од вкупно осум земји, јави Мета.
„Целта на регионалниот состанок е да се дискутираат механизмите за одржливост, вклучување на заедниците во регионалниот дијалог, добри практики, предизвици и можности за одржливост по заминувањето на Глобалниот фонд за ХИВ/сида, туберкулоза и маларија (ГФ), и механизмите на ГФ за поддршка на земјите кои транзитираат од ГФ“, велат од Асоцијација за здравствена едукација и истражување (ХЕРА).
Оттаму велат дека во моментов повеќе од потребно е да се продолжат напорите за наоѓање механизми за одржлив одговор на ХИВ, особено по завршувањето на финансирањето на Глобалниот фонд на програмите за превенција од ХИВ и кратењето за 59 отсто на буџетот потребен за продолжување на програмите за превенција од ХИВ.
„Токму затоа, мрежа од организации и институции што работат на ова поле во Југоисточна Европа си ја поставија целта за формирање на регионален координативен механизам кој ќе работи на одржливост на програмите за ХИВ во овие земји“, истакнуваат од невладината организација.
На првиот ден од регионалниот состанок свои обраќања имаа повеќе претставници. Заменик -претседателката на управниот одбор на Глобалниот фонд за борба против ХИВ, туберкулоза и маларија, Аида Куртовиќ, се осврна на прашањето околу тоа дали е можно да се стави крај на ХИВ-епидемијата во земјите на ЈИЕ, ако се имаат предвид актуелните инвестиции од локалните влади и од интернационалните донатори.
Претставникот на програмата за одржливост од Глобалниот фонд, Метју Мекрегор, говореше за неопходноста од зголемување на домашните финансии за соодветен одговор на ХИВ.
Регионалниот состанок продолжува и утре, со работни групи и со официјално формирање на регионалниот национален координативен механизам и со дефинирање на неговите цели.