Хелсинсчкиот комитет за човекови права излезе со своја анализа за однесувањето на судот при одбивање на предлогот на Специјалното обвинтиелство за претрес во домот на Горан Грујевски. Во нивниот допис до медиумите се наведува:
Вчера, 30 март 2016 година, Основниот суд Скопје 1 одби да издаде наредба за претрес по доставено барање од страна на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во т.н. предмет „Тврдина“ против Г.Г. за уништување на опрема за прислушување*. Според судијата на претходна постапка, несогласноста за издавање на наредбата се заснова на две причини:1) СЈО нема стварна надлежност да бара издавање на таква наредба поради неговата лимитирана стварна надлежност која се однесува единствено на неовластено следење на сите комуникации извршено во периодот меѓу 2008 и 2015 година и2) СЈО во барањето не дало прецизен опис на предметите што треба да се одземат.
По искажаната несогласност, судијата на претходна постапка побарал донесување на одлука од страна на Кривичниот совет на судот. Советот оценил дека судијата на претходна постапка правилно утврдил дека не треба да биде издадена наредба за претрес. Според Кривичниот совет, постојат три причини за таквата одлука: 1) Лимитираната стварна надлежност на СЈО, 2) Од барањето на СЈО не можело да се утврди за кој временски период се однесувала содржината од незаконското следење на комуникации и 3) Од барањето на СЈО не произлегувало основано сомневање дека конкретното кривично дело произлегувало од незаконското следење на комуникации.
Најпрвин мора да се истакне дека судијата на претходната постапка ги помешал институтите „наредба за привремено одземање на предмети“ со „наредба за претрес“. Имено, за издавање наредба за претрес може, но не мора да има прецизен опис на предметите што треба да се пронајдат. Прецизното наведување на предметите е неопходно само откако тие ќе се пронајдат и постои потреба привремено да се одземат. Избегнувајќи ја оваа аргументација во својата одлука, Кривичниот совет очигледно ја сфатил ваквата грешка на судијата на претходната постапка.
Во однос на аргументацијата на Кривичниот совет која се однесува на надлежноста на СЈО, сакаме да потенцираме дека согласно член 6 од Законот за СЈО, тоа обвинителство има целосна автономија во истражувањето и гонењето на кривични дела поврзани со нелегалното прислушување. Оттука, сметаме дека аргументацијата на Кривичниот совет во овој дел е правно неоснована, бидејќи членот 17 од ЗКП на кој погрешно се повикува Кривичниот совет упатува единствено на надлежноста на обвинителството како субјект наспроти исклучокот за приватна тужба, а ниту овој ниту било кој друг член од ЗКП не дава право и можност судот да цени и одлучува кое обвинителство е надлежно во конкретен случај. Врз основа на ова е очигледно дека Основниот суд Скопје 1 Скопје ги пречекорил своите овластувања.
Поради сите наведени причини, произлегува дека барањето за издавање наредба за претрес на СЈО било основано и законито, а Основниот суд Скопје 1 се вмешал во автономијата на СЈО на незаконит начин.
Хелсиншкиот комитет сака да ги охрабри сите судии да постапуваат независно и согласно меѓународните стандарди и националните правни прописи, особено поради притисокот на кој се изложени за овие случаи. Сметаме дека единствено со почитување на законските прописи ќе се овозможи владеење на правото, а со тоа ќе се заштити јавниот интерес и човековите права.