Како организациии коишто континуирано и непосредно ја следат состојбата во затворските установи, а поттикнати од последната акција на МВР во затворот Идризово, укажуваме дека она што во медиумите беше прикажано како спектакуларна заплена на ножеви, дрога и мобилни телефони во затворот, всушност е вообичаена состојба, која се провлекува децении наназад, велат од Хелсиншки комитет за човекови права.
Оттаму посочуваат дека во нивните е извештаи и препораки редовно се осврнуваат на субстандардните услови, корупцијата и другите системски недостатоци во затворскиот систем, особено во најголемата казнено поправна установа – Идризово.
За време на нашите посети, покрај други бројни недостатоци, за кои редовно ја информираме јавноста и надлежните институции, секогаш биле забележувани и ножеви во собите на осудените лица во затвореното одделение на установата, но, и во другите одделенија, што беше случај и при последната посета на КПД Идризово, реализирана во јуни годинава. И покрај тоа што сме апелирале на опасноста од (само)повредување на осудените лица, како образложение секогаш било истакнувано тоа дека тие немаат посебна просторија за јадење, па поради тоа поседуваат ножеви во нивните соби. Како резултат на ова се случувало осудени лица да се повредат во меѓусебна расправија, а имало и инциденти кога затвореници со нож повредувале припадници на затворската полиција, посочуваат од комитетот.
Тие очекуваат истрагата да биде темелна и сеопфатна за конечно некој да понесе одговорност за сите овие пропусти во казнено поправните установи, кои ги сведочиме со години.
-Покрај проблемот со корупцијата, кој е причина и за голем број други тешки предизвици и пропусти кои беа откриени со акцијата, мораме и во оваа прилика да ја истакнеме загриженоста околу проблемот со пренатрупаност во КПД Идризово, но и во други казнено поправни установи во земјава. За време на последната посета, нашите набљудувачи нотираа дека десетици осуденици спијат на под во затвореното одделение од установата. Како најгорлив проблем останува и здравствената заштита, поради што голем број осудени лица немаат пристап до лекар, психијатар и до потребната медицинска терапија.Состојбата во затворените институци секогаш е илустрација и за пошироката општествена состојба. Токму затоа, државата мора да вложи напори и ресурси и да изнајде долгорочни решенија за овие системски проблеми. Повремени акции во затворите се очигледно неопходно, но тие нема да донесат никакво подобрување без соодветни санкции и без конкретни мерки поврзани со материјалните услови и со неопходниот стручен кадар, велат од ХКЧП.