Хелсиншки: Полицијата употреби несразмерна и прекумерна сила!

by Фокус

Хелсиншкиот комитет соопшти дека преку свои претставници беше присутен на вчерашниот граѓански протест пред Владата на Република Македонија на кој граѓаните повторно го изразија својот револт за непреземањето на одговорност за убиството на Мартин Нешковски. Протестот започна во 18 часот со спонтано собирање на граѓаните преку претходно договарање на социјалните мрежи. До 20:30 часот, протестот беше без поголеми инциденти и судири помеѓу граѓаните и полицијата. Првите посериозни судири со полицијата започнаа околу 22 часот. Тогаш, полицијата започна со истиснување на сите граѓани кои беа пред Владата.

„Хелсиншкиот комитет забележа дека полицијата при истиснувањето на граѓаните употреби несразмерна и прекумерна сила. Полициските службеници не ја ограничија употребата на сила само на оние граѓани кои беа агресивни кон нив, туку неселективно ги удираа и газеа сите граѓани, од кои голем дел седеа мирно на земја со кренати раце. Потоа полицијата пристапи кон приведување на учесниците во протестот. При приведувањето, полицијата повторно примени неселективна, прекумерна и несразмерна сила. Приведувањето траеше и кога граѓаните повеќе не учествуваа во протестот и заминуваа кон своите домови. Ова го потврдува и фактот што во 23:30 часот, полициските службеници насилно влегоа во повеќе објекти, помеѓу кои и библиотеката „Браќа Миладиновци“ и повторно примени несразмерна и прекумерна сила кон сите млади кои беа присутни во библиотеката под изговор дека дел од нив наводно биле учесници во протестот, се посочува во соопштението на Хелсиншкиот комитет.

Според информациите со кои располага Комитетот, во вчерашните инциденти биле приведени повеќе од четириесет лица, од кои најголемиот дел се уште се задржани во повеќе полициски станици во Скопје. Претставниците на Комитетот забележале дека голем дел од приведените не биле дел од групата која се судираше со полицијата, а дел од нив воопшто не учествувале во протестот.

„Хелсиншкиот комитет најостро ја осудува прекумерната употреба на сила од страна на полицијата и агресивното однесување на дел од учесниците на протестот. Комитетот ја повикува полицијата целосно да го почитува правото на граѓаните на јавен собир и изразување на мислење, а граѓаните да го практикуваат своето право на мирен и ненасилен начин. Истовремено, Комитетот ги повикува сите граѓани кои беа приведени во вчерашните инциденти и врз кои беше применета прекумерна полициска сила да се обратат во кацеларијата на Комитетот со цел евидентирање на сите случаи и обезбедување соодветна правна помош“, велат од Хелсиншкиот комитет..

 

Поврзани новости