Хелсиншки комитет: Ромите во Македонија се најранлива етничка заедница

by Фокус

Имајќи предвид дека се уште постои системска дискриминација кон Ромите, особено во постапувањето на полициските службеници кон Ромите на граничните премини, непристапноста на жените Ромки до здравствена заштита и гинеколошки услуги и сегрегацијата на децата Роми, ја повикуваме државата да преземе активни мерки за спречувањето на дискриминацијата врз основа на етничка припадност и маргинализирана група, реагираат преку соопштение од Хелсиншкиот комитет.

– Одбележувајќи го денешниот Меѓународен ден на Ромите, сакаме да ја истакнеме нашата загриженост поради неимплементирањето на активностите од важечката Стратегија за Ромите во Република Македонија (2014-2020). Ромите во Македонија се најранлива етничка заедница, која се соочува со дискриминација во речиси сите сфери на општественото делување. Ја повикуваме државата декларативните заложби за подобрување на статусот на Ромите да ги преточи во конкретни акциски планови и афирмативни мерки за подобрување на статусот и интеграција на Ромите во сите општествени сфери – се наведува во соопштението.

Хелсиншки изразува голема загриженост за системската сегрегација на децата Роми во образовниот процес, кои без никаква категоризација посетуваат училишта за деца со интелектуална попреченост или пак се распределени во посебни паралелки во редовните училишта, наместо да бидат вклучени и интегрирани во редовните паралелки.

 

 

Поврзани новости