Хелсиншки комитет: Неука одлука на Основниот суд Скопје 1!

by Фокус

Од Хелсиншкиот комитет, вчерашната одлука на Основниот суд Скопје 1 доказите од прислушуваните материјали да ги отфрли како неосновани и незаконски, а кои според тврдењето на СДСМ укажуваа на криминал на владини функционери, ја оценија како неука и незаконска. Од комитетот истакнуваат дека судијата на претходна постапка што ја донел одлуката немал надлежност во оваа фаза да се меша во работата на Јавното обвинителство.

„Хелсиншкиот комитет е фрапиран од злоупотребата на постапката од страна на судијата на претходната постапка и неговото нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Имено, судијата на незаконски начин се вмешал во работата на јавното обвинителство и донел противправно решение кое не може да предизвика правна последица и како такво мора да биде обжалено од ОЈО Скопје и преиначено од страна на Апелациониот суд во Скопје. Имено, одредбите на кои се повикува судијата (ЗКП: чл. 93 – Издвојување на доказ во врска со чл. 12, ст. 2 – Законитост на доказите) се однесуваат само во случај кога случајот е влезен во формална истражна постапка. Имајќи предвид дека списите ги барал судот од обвинителството, јасно е дека обвинителството не донело решение за покренување на истражна постапка ниту барало носење на било каква судска одлука. Оваа шестмесечна неактивност на ОЈО претставува уште еден индикатор за несериозноста на правосудните органи и отвора сомнеж за нивна можна координација за избегнување на законските обврски, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет.

Оттаму објаснуваат дека кривичните пријави се наоѓаат во предистражна постапка (голем дел од пријавените лица сè уште не се испитани), па затоа судијата на претходната постапка воопшто немал надлежност да постапува во тој дел од постапката која според чл. 289 ЗКП е тајна.

„Надлежноста на судијата на претходната постапка отпочнува во истражната постапка (чл. 294 ЗКП), а единствен исклучок од ова правило е судската контрола на законитоста при работењето на истражните органи (чл. 290). Меѓутоа ниту барањето на адвокатот, ниту решението на судијата не се однесуваат на незаконско постапување на  обвинителството туку на издвојување на наводно незаконски прибавени докази од страна на трето лице. Дали доказите се прибавени законски или не судот може да утврдува само во истражна или судска, но не и во предистражна постапка (чл. 294 ЗКП). Потврда на ова е и фактот што одредбата врз основа на која судијата го донел решението може да биде донесено по предлог на „странките“, а осомничените во овој дел од постапката сè уште го немаат статусот на „странка“, велат од комитетот.

Оттаму дообјаснуваат дека според наведеното, судијата ниту имал овластување да ги бара списите од обвинителството, ниту да ги издвои и задржи доказите.

„Јасно видлива е намерата решението да стане правосилно и да се изигра чл. 14 од Уставот според кој никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука. На овој начин судството ќе го поништи политичкиот договор за именување на Специјалниот јавен обвинител чија основна цел – истражување на наводите за тешки кривични дела сторени од страна на највисоките претставници на власта ќе стане беспредметна. Со тоа сериозно ќе бидат загрозени препораката за отпочнување на преговори со ЕУ и владеењето на правото во Македонија“, велат од Хелсиншки.

Поврзани новости