Ќе се избегнеше и смрт и штети ако надлежните ги исполнеа своите законски обврски за превенција и постапување во случај на поплави, гласи заклучокот во експертска анализа на Хелсиншкиот комитет за човекови права, од каде сметаат дека Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, собранието, владата и органите на државната управа се одговорни за да спречат вакви катастрофи.
„Органите на државните управи континуирано покажуваат дека не само што немаат капацитети да се справаат со оваа криза, туку и постапуваат спротивно на позитивните законски прописи. Ваквото постапување на органите на државната управа по настаната поплава и непреземањето на превентивните мерки за заштита, се директни виновници за црниот биланс на жртвите настрадани во оваа катастрофална поплава. Во овие моменти е најзначајно да се обезбеди помош и заштита на жртвите од поплавата“, велат од Комитетот.
Нотирајќи пропусти на надлежните, од Хелсиншкиот комитет прашуваат зошто не се испратени епидемиолози, зошто не се изработени нови процени за загрозеност од природни непогоди, како е можно да не се направи обдукција, каде е годишната програма за заштита и спасување на Советот на Град Скопје и на Владата и дали воопшто е донесена, зошто никој не ги предупреди граѓаните за невремето…
„Во деновите по полавата, јавноста можеше да забележи несоодветна координација на одделните компоненти во системот за управување со кризи, несоодветно постапување на одделните институции и тела и крахирање на системот во целост. Превентивните планови и мерки со години беа занемарувани, а мерките на заштита и спасување беа несоодветно и недоволно квалитетно спроведени. Неколку денови по полавата, се уште има семејства и куќи кои немаат пристап до најосновните намирници, како вода и храна, додека мерките на здравствена заштита и спречување на заболувања и епидемии сé уште не се применуваа“, стои во анализата.