Одлуката на Владата да прогласи кризна состојба е исклучително загрижувачка, сметаат од Хелсиншкиот комитет за човекови права и „Легис“. Оттаму велат најавата за вклучување на АРМ без за тоа да се произнесе Претседателот Ѓорѓе Иванов како Врховен командант, молкот на Собранието и Центарот за управување со кризи ја доведувале до прашање законитоста на мерката прогласување на кризна состојба.
– Од објавените медиумски материјали, може да се увиди нехуманиот третман на бегалците од страна на специјалните полициски службеници кои употребиле мерки на присила, користејќи солзавец и шок бомби. Поради таа причина го повикуваме неуставно именуваниот министер за внатрешни работи г. Митко Чавков да одговори кој ги дал наредбите да бидат применети такви мерки на присила. Нехуманото постапување од страна специјалните полициски службеници, но и ксенофобичниот говор и говорот на омраза кој се шири по социјалните мрежи, а го поттикнуваат некои јавни личности придонесува кон дополнително загрозување на животите на бегалците и надвор од нивните родни места, велат од Хелсиншкиот комитет.
Според „Легис“ никој од Центарот за управување со кризи не се појавил на граничните премини во Гевгелија и Табановце и не разговарал со активистите кои работат на терен.
-Од страна на полициските службеници не им е дозволен пристап на активистите до меѓузоната помеѓу Македонија и Грција, а со тоа бегалците се изложени на недостаток на храна и вода, а воедно е отежнат и пристапот на амбулантните возила. Органите на државата често пристапуваат кон враќање на бегалците во меѓузоната и со тоа ги изложуваат на нехумани услови за живот односно создаваат вештачки „логор“ за бегалците. Дел од активистите на „Легис“ посочуваат на дискриминацискиот однос на специјални полициски службеници кон бегалците, какво што било обраќањето на еден од нив на англиски јазик: „Вратете се во вашите муслимански држави, овде нема што да барате- велат од „Легис“.
Од Хелсиншки и „Легис“ упатуваат јавен повик за солидарност со бегалците од страна на граѓаните.
Донациите за бегалците може да се достават во просториите на Комитетот (ул. Наум Наумовски Борче бр. 83) и магацините на „Легис“ (ул. Чаирска бр. 48)