Хелсиншкиот комитет остро го осудува злоупотребувањето на учениците од гостиварското основно училиште Мустафа Кемал Ататурк за политички цели. Имено, на 17.10.2019 година, на фејсбук страната од училиштето се појави фотографија на која стотици ученици, во придружба на настаниците и останатиот персонал од училиштето, стојат под турско знам и упатуваат војнички поздрав за поддршка на турското воено движење.
-Ова несомнено алудира на турската воена офанзива во Сирија. Организирањето на ваквиот настан и иницирањето на ваквото постапување на учениците од страна на наставниот кадар и директорот на училиштето претставуваат директна повреда на чл. 11 од Законот за основното образование, кој експлицитно забранува секаков вид на политичко организирање и дејствување во основното образование. Воедно, чл. 172 од истиот Закон предвидува изрекување на глоба во износ од 1.600 евра во денарска противвредност ако се организира политичко и верско организирање и дејствување и се истакнуваат партиски и верски обележја во основното образование, односно ако се изврши повреда на чл. 11. И со Законот за заштита на деца експлицитно се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување, а во член 12 став 6 од овој закон е утврдено дека: ,, Државата и институциите на системот се должни да ги преземат сите потребни мерки за да ги обезбедат правата на детето и за спречување на сите облици на дискриминација и злоупотреба без оглед на местото каде што се извршени овие дејствија, тежината, интензитетот и нивното времетраење.’’, велат од Хелсиншкиот комитет.
Хелсиншкиот комитет за овој случај ќе ги извести Државниот просветен инспекторат и Народниот правобранител и ќе ги преземе сите потребни постапки за утврдување на посочените повреди на законите.