Хелсиншкиот комитет за човекови права реагира на повторниот избор на Петар Аневски за претседател на Советот на јавни обвинители, за кој тврдат дека е незаконски. Хелсиншкиот комитет укажува дека согласно Член 8 став 3 од Законот за Советот на јавните обвинители, мандатот на претседателот на Советот трае две години, без право на повторен избор.
-Повторниот избор на г. Аневски претставува сериозна повреда на начелото на законитост. Ваквата одлука ја доведува во прашање компетентноста, независноста и непристрасноста на членовите на Советот како и неговата основна функција да ја обезбедува и гарантира самостојноста на јавните обвинители во извршување на нивната функција. Особено одговорен за ваквото незаконско постапување е самиот г. Аневски кој ја свикал и раководел со седницата за време на која и покрај тоа што не смеел се кандидирал за претседател, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет.
Хелсиншкиот комитет ги повикува членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, во согласност со Член 10 став 3 од Законот за Советот на јавните обвинители, да закажат итна седница на која ќе ја преиспитаат својата незаконска одлука.