Хазби Лика пак му не налутил на Ахмети и не се појави на одбележувањето на Рамковниот

by fokus

Вицепремиерот за спроведување на рамковниот договор, Хазби Лика не присуствуваше на денешното одбележување на годишнина од потпишувањето на договорот. Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, запрашан за отсуството на неговиот сопартиец, рече дека не знае зошто Лика не се појави на настанот.

-Јас знам дека господиниот Хазби Лика на граѓаните денот на рамковниот договро им го честитал со писмо, но зашто денеска не е присутен најдобро е да го прашате него, или да се обратите до секретаријатот – рече Османи.

Се претпоставува дека токму Османи е причина за бојкотот на Лика. Неофицијално тој му е лут на лидерот на ДУИ Али Ахмети затоа што организацијата по повод годишната ја организирал вицепремиерот Османи, а не како изминатите 16 години – секретаријатот за рамковен кој што сега е во рацете на Лика.

Ова е првпат вицепремиер за Рамковен да не присуствува на годишнина од потпишувањето на документот.

Иако бил уредно поканет, Лика не дојде на трибината „Патот до Брисел преку Охрид“, на која се обратија премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети.

На одбележувањето присуствуваа поранешниот вицепремиер Муса Џафери, како и речиси сите министри од ДУИ.

Пред некое време медиумите објавија дека Лика неколку месеци не одел на работа бидејќи му бил лут на лидерот на ДУИ Али Ахмети. Овој пат причина било тоа што Лика бил  револтиран од  Ахмети, затоа што не добил поддршка од него во внатрепартиска. Бидејќи Лика не доаѓаше на работа, блокирано беше и прераспределувањето на вработените по Рамковниот договор.

Поврзани новости