Харун Хаџибулиќ реагира за објавена фотографија во „Фокус“, иако неговото име никаде не се спомнува во сторијата за состојбите во македонското подземје, за кои пишувавме по повод двојното убиство во „Шиша“ бар на Јетон Кривањева и Инес Исеинов.
Станува збор за фотографија на која е Хаџибулиќ, заедно со уште неколку лица, меѓу кои се и покојните Џелал Ајети-Џељо и Африм Шерифи, кои беа во фокусот на нашите стории, бидејќи нивните убиства се во центарот на циклусот на ликвидации меѓу скопските кланови базирани на крвна одмазда и за што подобро позиционирање, кои остануваат нерасветлени до ден денес.
Во објава на Фејсбук, Хаџибулиќ коментира дека фотографијата е настаната во 1997 година на терасата од кафе-ресторанот „Цирих“ на улицата Џон Кенеди, кој бил во сопственост на неговиот брат. Неговата реакција, која содржи навредливи и заканувачки елементи, ја пренесуваме во целост:
„Немав намера да реагирам по повод вашиот натпис во кој пишувате за криминалните групи од Скопје, нивните пресметки и ликвидациите коишто неодамна се случија и на која објава залепивте слика на којашто се наоѓам и јас и мојот покоен братучед Назим, а којашто сите знаат дека беше фамилијарен и чесен човек, но морав да се јавам со пар збора и да и објаснам на јавноста како е настаната таа слика и каде е сликана.
Фотографијата е настаната во 1996/97 година на терасата од кафе ресторанот „Цирих“ на Џон Кенеди, кој е во сопственост на брат ми и во кој ресторан доаѓаа и политичари и јавни личности и бизнисмени, најмалку луѓе од другата страна на законот.
И ние како сопственици и домаќини луѓе, секогаш бевме домаќински расположени и со сите гости имавме неформална комуникација како што го прават сите останати газди на локали и никаква разлика нема помеѓу нас и нив, само што кај нас т.е. во овој случај новинарите намерно не ставаат во контекст на некои актуелни и неубави работи кои се случуваат, а со кои актери немам ама баш никакви допирни точки по никаков основ, ниту ги познавам лично.
Така што сувишно е да се зборува за некакви неубави работи иако не ми се спомнува името, но доволно е да се залепи слика од пред 100 години на којашто и јас и братучед ми се наогаме само поради тоа што времето тие години го поминувавме во овој наш ресторан како и во моето тогашно казино кое беше залепено до самиот ресторан.
Срамно е и бедно на кој начин „Фокус“ известува за актуелните случувања во скопското подземје и надземје со коишто ниту јас ниту моите блиски немаме никакви допирни точки. На перфиден и директен начин за сторија на која се пишува за опасен криминал и пресметки со име и презиме за други актери и групи, а да се лепи слика којашто е настаната пред неколку децении во објект којшто е од јавен карактер во наша сопственост на која случајно се наогам и јас тоа не е ништо друго освен намерен удар врз мојата личност, мојата фамилија, моите пријатели и мојот углед се со цел намерно да ми се нанесе штета во пошироката јавност и да бидам во фокусот на случувањата, а ни лук сум јадел ни вода сум мирисал.
Може ли до толку да бидете расипани и да не водите сметка за моите чувства, за чувствата на моите најмили, да не водите сметка за тоа какви се последици можам да имам со таа објавена фотографија и зар не сте имале некоја друга фотографија да прилепите, а сте ги имале мал милион? Но,ОК, вие добро знаете што сакавте со тоа да постигнете, бидејки на тој начин директно имавте намера да ме вклучите во нешто што не сум и никогаш не сум ни бил.
Иако за мене не напишавте ниту еден збор, но знаете како велат, фотографијата кажува илјада зборови, и вие тоа на овој начин го направивте за јавноста да биде фокусирана на сликата и на тие што се на сликата, а мање-више за напишаното.
Јас сум со години повлечен од сите актуелности и гледам остатокот на животот да го проведам мирно колку што можам, иако сум и сега овде каде сум по заслуга на лошите луге и таквите како што е „Фокус“ и трпам големи и животни последици и молчам, бидејки сум свесен што ми направивте од животот, а вие не ви е доволно што не сум во МКД подолг период, па пак некако ви фалам и сум ви потребен на некој начин за да ги задоволите вашите потреби, нагони, комплекси и интереси и удирате најниско и највалкано таму кадешто сум најјак и поради што нема никогаш да се откажам.
Во размислување сум дали да ве тужам и покренам постапка против вас, но како и да е и како и да биде знајте дека во мене сте стекнале еден ранет човек којшто вакви валкани игри никогаш не ги допушта, ниту ги заборава, па ќе видиме животот како на кого ке му тече. Оставам на Господарот на сите светови тој да наградува и да казни!“, пишува Хаџибулиќ.
Инаку, тој беше осуден за насилство на година и пол затвор поради случајот со убиството на Мирсад Кријешторац кај Универзална сала во 2010 година, за кое Јасмин Лесковица доби 12 години за убиство. Пред политичките промени во 2016/2017 година, тој активно учествуваше во протестите против тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ и отворено го поддржуваше СДСМ.
Фотографијата за која реагира Хаџибулуќ е споделена на социјалните мрежи, а во „Фокус“ не е објавена поради него, кој не се споменува никаде во текстот, туку поради Ајети и Шерифи, за кои всушност пишуваме.
Оттука, реакцијата на Хаџибулиќ, односно неговиот напад дека на овој начин сме сакале да му направиме штета на „срамен и беден“ начин се крајно неосновани, додека неговата заканувачка порака дека „вакви валкани игри не допушта“, како и дека ќе „видиме како животот на кого ќе му тече“, се крајно неадекватни и неприфатливи.
Во продолжение, ги споделуваме линковите од текстовите објавени на порталот „Фокус“, кои всушност се кратки извадоци од сторијата објавена во претпоследниот број на неделникот „Фокус“.
Како „Дуќанџиќ“, „Беланоца“ и другите нарко-картели влегоа во крвава војна до истребување?!
„Фокус“ хронологија: Нерасветлени ликвидации меѓу скопските банди во мафијашки стил!