„Хартиената“ насмевка на Ставрески

by Фокус

Пишува
Офелија ДИМКОВСКА

Серијата замислено реално шоу продолжува со кого, ако не со вицепремиерот Зоран Ставрески. Камерата која ќе го следи дење-ноќе, ќе се труди да го улови насмеан во поинакви животни услови од овие во кои сега живее. Ќе му бидат одземени сите привилегии, нема веќе кампањи „купи куќа, куќи стан“, туку повеќе „имаш куќа, врати стан“.

ОБИЧЕН ЖИВОТ

Како ќе реагира нашиот човек, со оглед на тоа дека е намуртен и во прекрасни услови за живот со сите привилегии, ќе видиме. Можеби токму тоа му недостасува, малку сиромаштија и „обичен“ живот, малку возење со автобус и трчање по деца, па да му се врати насмевката на лицето. За да се симулира како ќе изгледа тоа, камерманите и учесниците во емисијата ќе нацртаат насмевка на хартија, ќе ја залепат на неговото лице и ќе му подметнат огледало за да се види колку би бил убав така. Хартиената насмевка навистина ќе му измами насмевка, па ќе му се насмевнат и очите, што е симпатично кога веќе очилата ги замени со леќи. Ако не е поради тоа да му се смеат, зошто тогаш воопшто не ги крие зад очила.

ТЕЛЕФОН БЕЗ КРЕДИТ

Нему ќе му приредиме едно посебно изненадување во шоуто: ќе му ги одземеме сите мобилни телефони, а нема да му дадеме ни компјутер. Ќе мора да комуницира на фиксен телефон зашто никогаш нема да има кредит на припејдот, па ќе биде како да го нема. А претпоставка е дека ќе се срами да праќа пораки „немам доволно кредит на бројот…“.

Бидејќи се разбира од финансии и знае да работи со пари, него ќе го ставиме на минималец, месецот ќе мора да го помине со осум и нешто илјади денари, сопругата не зема редовно плата, а има две малолетни деца, кои обожаваат брза храна и чипс и луди се по фудбал и спортска опрема. Плус доаѓа пролет, па од тие пари на двете ќе треба да им купи нови патики. Кога ќе го направи тоа, ако биде економичен, ќе му останат пари за сметки и ни денар повеќе. Ќе мора да земе џепарлак од сопругата, под услов таа да ја земе платата што ѝ ја должат.

И таа блиску до најниската. Но, тој треба да биде среќен што му даваме дури две минимални плати. Што ќе беше да го оставевме со една. Но, ние не сме толку сурови, а и слабо знаеме да лажеме, па нема да го убедуваме сиот тој долг месец колку му е добро во оваа држава. Никако. Ќе го сфатиме ако му е тешко, ќе најдеме некој што ќе го засмејува секојдневно за да ја оствариме втората цел на реалното шоу: да измамиме негова честа широка насмевка. Онаа од уво до уво, што тој без причина ја нема, за разлика од социјалците, кои немаат никаква причина да ја имаат, освен да се радуваат на тоа што се живи.

НАСМЕВКА НА ХАРТИЈА

Ништо нема да му направиме на вицепремиерот. Само ќе ги замениме улогите. Ние секојдневно ќе му зборуваме колку му е убаво, а тој ќе брка во празниот џеб и ќе го чека први, односно којзнае кој во месецот. Има среќа што шоуто нема да продолжи и наредниот месец за да му доцнат со платата. Тогаш ќе биде среќен што нема мобилен и не му се јавуваат од изутрина до вечер од банките со зборовите: вие сте господин Зоран Ставрески? Имате да уплатите, кога ќе уплатите, зошто не уплатите, што да запишеме…

Така господинот Ставрески нема веќе да се чувствува господин. Оние од банките може како сакаат да му се обратат, а веројатно и само за нив ќе биде господин.

Тоа е тоа. Ако не му е смешно, секогаш при рака ќе му биде насмевката нацртана на хартијата. Широка насмевка, каква што никогаш нема да има. Или којзнае. Ако ја сфати разликата меѓу луѓе што се богати и луѓето што имаат пари…

Поврзани новости