Харадинај сака да стане претседател на Косово

by Fokus

Лидерот на Алијансата за иднината на Косово (ААК) и поранешен косовски премиер Рамуш Харадинај ја најави својата  кандидатура за иден претседател на државата, откако во април идната година ќе му заврши мандатот на актуелниот претседател Хашим Тачи, јави дописникот на МИА од Приштина.

По синоќешната седница на Управниот одбор на ААК, Харадинај обзнани дека партијата, која е дел од Владата на Косово, го овластила да преговара за проширување на владината коалиција, воедно најавувајќи дека ќе ја прифати „големата обврска и посебната чест“ да биде претседател на државата.

Во објава на својата страница на Фејсбук, Харадинај напомена дека би ја прифатил претседателската функција откако на Тачи ќе му заврши мандатот, но не доколку актуелниот шеф на државата биде принуден да се повлече поради обвинението подигнато против него од Меѓународниот суд за воени злосторства во Косово.

– Му благодарам на Управниот одбор за неговото овластување во име на ААК да водам преговори за евентуална реконфигурација на владата, вклучително и прашањето на претседателот. Довербата јас да бидам кандидат за претседател, доколку тоа се расправа во рамките на Уставот, ја сметам за висока одговорност и посебна честа, напиша Харадинај.

Поврзани новости