Најавите за вечерашниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ пред Владата и потребата уште од рано изутрина да се затвори сообраќајот на булеварот Илинден направи хаос на улиците. Долгите колони, доцнењето во јавниот превоз и преполни автобуси предизвикаа револт кај патниците.
Булеварот беше затворен и на митингот на СДСМ во неделата, но граѓаните прашуваат како смее градската управа да го дозволи тоа во работен ден. Луѓе доцнеа на работа затоа што по половина час чекаа автобус на постојките. Нервоза тлее и во автомобилите кои останаа заглавени во долгите колони.
Наспроти чекањата по постојките од една страна на улицата, на другата по три автобуси со ист број возеа еден по друг.
-Свесни сме за ситуацијата, причината е во сообраќајниот метеж што утринава владее низ градот, инаку сите автобуси тргнале од своите позиции според најавениот термин – велат од Јавното сообраќајно претпријатие.
Инаку сообраќајот на Илинденска е во прекин од 22 часот синоќа, а ќе трае до два часот во сабота. Возилата ќе се пренасочваат десно по булеварот Св. Климент Охридски и по булеварот Гоце Делчев и лево по булеварот ВМРО.