Еврокомесарот за европска соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан, според најавите в понеделник ќе ја посети Република Македонија.
Во изјава дадена пред неговото доаѓање во Македонија, Хан посочи дека ја посетува македонската држава за да даде поттик на спроведувањето на реформите што Брисел очекува да бидат спроведени во брз рок, а со цел да се врати на патеката за евро-атлантската интеграција.
Предвидено е Хан при посетата на Скопје да се сретне со премиерот Зоран Заев, со други претставници на новата Влада и со останатите политички лидери во земјата, пишува во денешното соопштение на Европската комисија.
Еврокомесарот Хан најави дека ќе се разговара околу плановите за реформи на новата македонска Влада, како и да ја повтори поддршката на Европската унија за земјата да ги спроведе неопходните реформи за во иднина да стане членка на Унијата.
„Со континуираната поддршка на Европската унија, земјата конечно ја надмина политичката криза преку добро администрираните избори и формирањето на новата Влада. Сега, новата Влада, заедно со опозицијата, треба да се фокусира на спроведувањето на Итните реформски приоритети и на целосно спроведување на договорот од Пржино, со цел да се врати земјата на патот кон интеграцијата во ЕУ. Реформите мора да се направат за да се подобрат животите на луѓето, да се работи за стабилност, просперитет и правда. Задолжена група на независни високи експерти за владеење на правото, предводена од Рајнхард Прибе е веќе во земјата за да и помогне и да ја советува новата Влада за прашањата на системското владеење на правото“, изјави комесарот Хан пред неговото доаѓање во Македонија.