Мислам дека е време нашиот регион да се помести напред, на краток рок тоа ќе биде слобода на медиумите, мора да се фокусираме на тоа, на долг рок тоа е борбата меѓу клиентелизам и меритократијата, рече министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на денешната конференција во Лондон на тема „Што да очекува Балканот во следната декада“.
Димитров рече дека не е партиски член и дека никогаш не бил, иако некој на Википедија цело време инсистира да го оквалификува како таков, поради што е во постојана битка тоа да се исправи.
На прашање од присутните за уделот на граѓанскиот сектор во земјите од Западен Балкан, Димитров рече дека клучен проблем е тоа што во Македонија дури 30 отсто од гласачкото тело се членови на некоја партија.
-Мислам дека европскиот просек е 3 отсто. Отстапуваат Австрија и Грција каде партиските членови се 10 отсто од електоратот. Кај нас е тоа дури 30 отсто. И ова не е затоа што луѓето сакаат да ја обликуваат политиката, туку мислат дека тоа е единствениот начин за достоинствен живот за нив и нивните деца. Но работите се менуваат, одиме со битка по битка – рече Димитров.
Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, кој е од Австрија, на тоа што Димитров ја спомена неговата земја, рече дека тоа е така затоа што Австрија и Грција на некој начин се граничат со балканските земји.
-Австрија и Грција се граничат со Балканот и така можеш да ги објасниш овие 10 отсто – рече тој шегувајќи се.
Според него најголем проблем во земјите на Балканот се етничките партии.
-Тоа се традиционални партиска структури. Повеќето паратии имаат етничка припадност, членовите припаѓаат на таа партија затоа што се од тој етникум. Поради ова не гледам дека е возможен значаен прогрес. Треба да се напушти тој поглед луѓето да ги гледаат своите држави од друга гледна точка. Тука главна улога може да има граѓанскиот сектор – рече Хан.