Повторно одлагање на преговорите за Македонија и за Албанија за членство во ЕУ би можело да има драматични последици за целиот регион, предупредува еврокомесарот за проширување на Унијата Јоханес Хан во интервју за Агенција Европа.
-Се работи за кредибилитетот на ЕУ, земјите членки сами го одредија јуни 2019 како датум за одлуката за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, одлагањето би можело да има драматичен импакт врз целиот регион – вели Хан.
Тој потсетува дека Македонија веќе десет години чека старт на овие преговори, кои беа блокирани поради спорот со Грција.
-Сега кога овој проблем е решен благодарение на политичката храброст и одлучност на двајцата лидери и кога констатираме одличен напредок во внатрешните реформи, би било многу разочарувачки ако отворањето на пристапните преговори повторно се одложи – вели Хан.
Тој ги поздравува напорите на францускиот претседателот Макрон да ја зајакне надворешната и безбедносната политика на ЕУ, но, како што вели, тоа треба да започне со западниот Балкан.