Во интервју за Радио Слободна Европа еврокомесарот Јоханес Хан коментира дека на крајот на денот кризата во Македонија мора да има политичко решение. Тој се надева дека во наредниот период до тоа ќе дојде, а упатува на собранието како место каде треба да се решаваат проблемите. Изразува загриженост за судството и неговата независност, како и за слободата на медиумите.
Комесаре Хан, каков е ставот на Европската комисија за последните политички случувања во земјава поврзани со полициската акција Пуч?
Ние ги повикуваме сите страни да го решат овој проблем. Оние кои ги имаат материјалите треба целосно да ги откријат и сите се добро советувани да ја остават работата на процедурата согласно владеење на правото. И да се справат со тоа на адекватен начин, како што се очекува од земја со европска перспектива.
Како го коментирате случајот со презентирањето на доказите за прислушување кои ги објави опозицискиот СДСМ?
Ова е нешто многу сериозно и уште еднаш мојата препорака е дека работите треба да бидат разјаснети и истражени од оние луѓе кои правно се задолжени за таква процедура. Но, доколку е неопходно исто така треба да има, како што е вообичаено во многу земји, според политичката пракса, да има комитет во Парламентот кој ќе се справи со ова прашање, но тоа зависи од присуството на сите политички партии во Парламентот. Ова е уште една добра причина и затоа има многу смисла сите политички партии да се во Парламентот и политичкиот дијалог да се одвива во Парламентот.
Гледате ли какви било шанси за враќање на политичкиот дијалог во земјава?
Мислам дека ова е неопходно и е дел од зрелоста на демократијата да се има дијалог и отворени канали за разговор. Секако, никој не бара од сите да се согласат за сè, но во добро развиена демократија мора да има култура на пронаоѓање компромиси. Ова е сигурно нешто кога некој може да каже оти во земјата сè уште има недостаток од оваа способност да се најде и да се постигне согласност и политички компромиси.
целото интервју на Радио Слободна Европа