Простете, ама не им простувам

by Фокус

Од сите верски и државни празници највеќе ми се допаѓа симболиката која ја носи денешниов ден – Прочка. Денот кога си простуваат земјата и небото, кога постарите им проштеваат на помладите, денот кога се оставаат зад себе лошите мисли и дела. Толеранција и љубов на сите страни. Макар и за еден ден.

Јас денес, еве, се обедувам од петни жили да си ги приберам парчињата христијанска и човечка доблест и да си кажам – Простено им е. Не ми оди. Тешко ми е. Уште ми го пече грлото желудочна киселина, уште ми одекнува низ глава ѓаволската смеа и нечовечкиот насит. Верувам дека никој од нас не остана рамнодушен кон овој атак на нормалноста, изнесен преку прислушуваните телефонски разговори. Верувам и дека секој од нас има своја причина за непрост кон одредени луѓе – нелуѓе. Еве ги моите причини и лица наредени по азбучен редослед:

Гордана Јанкулоска: поради тоа што ги навредува униформираните полицајци, но и сите вработени во МВР со кои ресорно раководи, нарекувајќи ги „џандари“ и „гревчиња“, како и поради рамнодушната леснотија со која прејде преку информацијата за смртта на Мартин Нешковски.

Елизабета Канчевска-Милевска – поради дизнилендот кој ми го направи во родениот град и поради сите пари за него, кои поминаа преку каса-прими во туѓи каси.

Зоран Ставревски – поради сите затворени бизниси и запустени домови и поради уличарскиот безобразлук спрема оние кои не му се на линија.

Никола Груевски – поради трансформацијата на мојата држава во земја на стравот и лагата, поради нахалноста, суетата и инаетот, како и поради гуштерската насмевка кога го предлагаше глупавиот закон преку победоносната формула – „сега барем ќе имаат шестки“ (се однесува на студентите).

Никола Тодоров – поради комплетната девастација на здравствениот и образовниот систем и поради смртта на Тамара.

Сашо Мијалков – поради простаклукот, кукавичлукот и елементарниот недостаток на човечност, како и поради хиенското кикотење врз туѓа несреќа.

Намерно пропуштам уште неколкумина протагонисти од прислушуваните разговори – Латас, Стојменов или Котевски. Тие не се достојни ни за непрост.

универзитетски професор Гордана Попсимонова

Поврзани новости