Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчиќ, денеска изјави дека во оваа фаза од преговорите, Хан не планира друга средба со лидерите на македонските политички партии. И покрај неуспехот на последната лидерска средба, Европската унија чека набрзо да има резултати од овие преговори.
-Ние чекаме од овие разговори набрзо да има конкретни резултати. Знаете дека Комисијата изрази подготвеност да помогне, и тоа уште важи, а како што знаете разговорите се одржаа во присуство на европскиот амбасадор во земјата. Во оваа фаза не е планирана средба на комесарот Хан со политичките лидери, рече Коцијанчиќ.
Таа додаде дека Брисел очекува да се исполнат препораките на ЕУ кои се содржани и во договорот од 2 јуни постигнат во Скопје и дека ова е ставот на сите европски фактори. Брисел смета дека крајниот договор треба да биде постигнат во Македонија меѓу четворицата политички лидери.