Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, заедно со тројцата европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, во вторник ќе пристигнат во Македонија, официјално потврди портпаролката на ЕК Маја Коцијанчич на денешниот брифинг во Брисел.
– Тие ќе се сретнат со претставниците на сите парламентарни партии, како и со претседателот Иванов и ќе ја повторат цврстата позиција на ЕУ за почитување на исходот од изборите и да се дозволи продолжување на демократските процеси со брзо формирање реформски ориентирана Влада, која ќе продолжи со имплементација на договорот од Пржино, рече Коцијанчич.
Таа не сакаше да коментира дали се можни посеопфатни преговори и евентуално нов договор, и кусо повтори дека „меѓу работите што треба да се случат е договорот од Пржино да биде имплементиран“.