Eврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан денеска ги повика политичките партии во Македонија да се држат до договорот од Пржино и да се договорат за датумот на избори, пренесе МИА.
Тој потврдил дека датумот 5 јуни како ден за избори бил ставен на маса во преговорите во петокот во Скопје, но додал дека „негова поента е едноставно да се гарантираат изборите“.
– Тоа ќе биде голема можност бидејќи се ќе биде добро подготвено, фер и транспарентно, според меѓународните демократски стандарди. Направив се за да го обезбедам потребното набљудување, на пример ОДИХР ќе испорача 24 долготрајни набљудувачи. Како за пример, во Турција тие имаа 30 такви набљудувачи и за една мала земја во споредба со Турција да има 24 е многу, како и 300 на изборниот ден. Мојата поента е дека е важно да се има избори според нашите стандарди со цел да се поврати кредибилитетот на земјата. Ова е важно и за да се има следен чекор, да се убедат нашите земји-членки да почнат преговори -истакна Хан.