Хан: ЕУ нема да прифати нови членови кои не си ги решиле спорови со соседите

by fokus

Стратегијата јасно нагласува дека ЕУ нема да се согласи на прием на нови членки, доколку тие имаат каков и да било нерешен билатерален конфликт, истакна еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, на денешната презентација на Стратегијата на Европската Комисија за Западен Балкан.

Стратегијата ги објаснува следните чекори што треба да ги преземат Црна Гора и Србија со цел да го завршат пристапниот процес до 2025 година, додека останатите би можеле да ги стигнат, но овие две земји се единствените од регионот кои што ги имаат отворено преговорите.

Во Стратегијата стои дека Албанија и Македонија прави значителен напредок на евроинтеграцискиот пат и ЕК е подготвена да изработи препорака за отворање на преговори врз основа на исполнети критериуми.

– Околу индикативниот датум, тоа може да биде можност за некои од земјите да се придружат на ЕУ, но тоа е амбициозен датум. Битно е сè да биде согласно со нашите политики. Јасно е дека условите мора да бидат исполнети, Земјите-членки нема да прифатат нови членови во Европската Унија кои не си ги решиле билатералните спорови – порача Хан.

Тој додаде дека ЕУ има домашна задата а тоа е да ги убеди членките зошто Западен Балкан и е потребен на Унијата.

Претставничката на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини истакна дека 2025 година не е краен рок кога нешто мора да се направи туку реална перспектива за временскиот период кога се очекува некои земји да го завршат циклусот на преговори, а оние кои не ги почнале да ги започнат.

– Да го внесеме Западен Балкан во ЕУ не во некоја далечна иднина, туку нашата генерација. Следните месеци ќе бидат интензивни и амбициозни и се надевам дека следните месеци ќе ги паметиме како пресвртница и клучни за ЕУ. Бројот на членки не е врзан за бројот 27 и може да биде поголем. Заедно сме во ова, потребна е истрајност, храброст и одлучност – рече Могерини.

Претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер денеска изјави дека за време на сегашниот мандат нема да има проширување, но дека Европската Комисија го трасира европскиот пат за Западен Балкан.

-Со цврста политичка волја и реални реформи, со дефинитивни решенија на недоразбирањата меѓу соседите, Западниот Балкан може да се придвижи на својот европски пат. Дали ова ќе се постигне ќе зависи од нивните заслуги. Европската Комисија ќе биде строга но и фер. Ќе ја посетам секоја од земјите во Западниот Балкан кон крајот на месецов со јасна порака: Продолжете со реформите и ние ќе продолжиме да ја поддржуваме вашата европска иднина – изјави Јункер.

 

Поврзани новости