Жена во лоша состојба половина час лежеше на кејот во Неготино, оти болницата има само еден дежурен лекар

by Fokus

Околу половина час на кејот во централното подрачје во Неготино, жена која е лице со посебни потреби лежеше во несвесна состојба чекајќи помош. Голем број на граѓани, како и полициски службеници беа околу неа, се додека не дојде возилото на итната служба од ЈЗУ Неготино, по што таа беше транспортирана во болницата.

Насобраните граѓани реагираа поради тоа што од местото на кое се наоѓаше жената до болницата се потребни само неколку минути со автомобил, и се прашуваа зошто толку долго се чекаше за помош.

Дежурниот лекар, Др. Ратко Грков, кој и даде прва помош на жената вели дека факт е како во болницата недостига медицински кадар.

-Во ист момент имавме три случаеви. Значи, едниот беше инфаркт, другиот тешка повреда на глава, а потоа од полиција ни јавија и за жената со посебни потреби, за која имавме информација дека консумирала алкохол, но поради лекарствата кои редовно ги примала, кај неа настанала една лоша реакција. Моравме приоритет да дадеме на лицето со инфаркт, бидејќи се работи за состојба загрозувачка по живот, потоа се упативме кај лицето со повреда на главата, и на крај кај жената која што лежеше на кејот. Сега, за среќа таа е во стабилна состојба, но останува вистината дека еден дежурен лекар не е доволно. Немаме лекари, немаме ниту доволно шофери, и иако не е моја работа, јас го управував возилото за да стигнеме до жената. Имаме доволно возила, но ни фали кадар, а еве сведоци сме дека понекогаш се случува да имаме и по неколку итни повици во исто време и мора да превземеме ризик и да одлучиме кому ќе дадеме приоритет – искрен е Др. Грков.

Тој потенцира дека една медицинска екипа со еден дежурен лекар може да биде присутна само на едно место во одредено време, и како поради тоа се случува пациенти да бидат оставени да чекаат.

-Во овој момент состојбата е мирна, нема итни случаеви. Но кој може да гарантира дека по неколку минути нема да се јават дури неколку пациенти на кои им е потребна помош? Се трудиме да постигнеме се на време, но тоа е фактичката состојба – вели докторот.

Тој додава дека првин на самото место, кај жената дошла полициска екипа, а медицинската екипа стигнала најбргу што можела, односно околу петнаесеттина минути по повикот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости