Израел нема да може да врати ниту еден од своите заложници доколку нема преговори за условите за размена, соопшти денеска вооруженото крило на Хамас, Ал-Касам, пренесуваат британските медиуми.
-Израел нема да може да ги врати заробениците насилно, изјави портпаролот на бригадите Ал Касам, Абу Убаида, во аудио снимка што ја објави телевизијата Ал Џезира, коментирајќи ја, како што рече, неуспешната операција за ослободување на еден од заложниците.
Убаида тврди дека борците на Хамас делумно или целосно уништиле 180 израелски транспортери, тенкови и булдожери во изминатите 10 дена откако продолжија борбите во Појасот Газа.
По прекинот на огнот, 137 останаа во заробеништво во Појасот Газа, од околу 240 луѓе кои Хамас ги зеде како заложници во нападот врз Израел на 7 октомври.