Хамас е подготвен да ослободи цивилни заложници

by Fokus

Хамас е подготвен да ослободи цивилни заложници, изјави иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан на седницата на Генералното собрание на ОН, повикувајќи ги ОН да го поддржат ослободувањето на 6.000 Палестинци кои се наоѓаат во израелските затвори.

Според претходните изјави на „Ел Мајаден“, со седиште во Либан, заложниците би можеле да му бидат предадени на Иран со посредство на Турција и Катар.

Во меѓувреме, портпаролот на израелските одбранбени сили Даниел Хагари изјави дека армијата ќе продолжи да спроведува „копнени операции во ограничен обем“ во Појасот Газа, откако синоќа изврши таква операција во која учествуваа пешадија и тенкови.

Хагари рече дека ваквите акции ќе бидат спроведени подоцна оваа вечер и „ќе продолжат со поголема сила во следните денови“.

Тој изјави дека израелската армија изведува „масивни напади од воздух и од море“ во Појасот Газа.

„Целта е да се елиминираат терористите, да се подготви теренот, да се отстранат експлозивите за да бидат подготвени за следните чекори“, рече Хагари, пренесоа израелските медиуми.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека граѓаните на Израел, што се однесува до конфликтот со Хамас, мора да се подготват за долга борба.

Го подготвуваме теренот за продолжување на кампањата, ќе следат нови фази“, рече Галант, наведувајќи дека копнената операција ќе се одржи, пренесе „Харец“.

Поврзани новости