Халили, Јусуфи, Бесими во игра за нов шеф на ДУИ во Тетово, нема јунак да му се спротивстави на Бејта во Гостивар

by Фокус

Поранешниот вицепремиер за спроведување на Рамковниот договор Фестим Халили, актуелнот директор на ЕЛЕМ ТУРС Џемаил Јусуфи, првиот човек на тетовската болница Флорин Бесими, брат на поранешниот министер за економија и одбрана Фатмир Бесими, се меѓу најсериозните кандидати за нов претседател на тетовскиот огранок на ДУИ, дознава Фокус.

Во конкуренција за првата партиска функција во еден од најголемите и најважните партиски ограноци е и новиот министер за регулатива за подобрување на инвестициската клима Хисен Џемаили, меѓутоа, според високи партиски извори, неговите шанси засега се помали отколку на Халили, Јусуфи и Бесими.

Исто така, додаваат нашите соговорници, амбиција за оваа позиција имаат уште и градоначалничката на Тетово Теута Арифи и досегашниот шеф на интегративците во Тетово Реси Абдурамани, но тие речиси и да немаат никакви шанси.

-Засега преовладува мислењето дека ДУИ во Тетово треба да избере нов човек, кој бил бил добро познат и афирмиран во партијата и базата, но досега не бил толку експлоатиран во пошироката јавост. Сепак, на крајот конечниот збор го има лидерот Али Ахмети, кој според статутот мора да го одобри кандидатот – вели партиски функционер.

Инаку, овој процес на избор на нови општински раководства, како увертира за претстојниот редовен партиски конгрес, започна со изборот на поранешниот градоначалник на Чаир Изет Меџити за прв човек на огранокот во оваа скопска општина, заменувајќи го контроверзниот Бекир Асани.

Веќе објавивме дека уште отсега е речиси познато дека шефица на партискиот огранок во Кичево ќе биде Ардита Дани, која во минатиот период беше советничка во Советот на Општина Кичево од редовите на „интегративците“, а неодамна беше избрана во раководството на Форумот на жени на ДУИ.

Што се однесува до останатите поголеми партиски ограноци, неофицијалните сознанија говорат дека долгогодишниот шеф на огранокот во Гостивар Невзат Бејта има намера повторно да се натпреварува за оваа позиција, па во таква ситуација ниту еден од преостанатите претенденти, како на пример поранешниот министер за правда Валдет Џафери, нема да му конкурира.

-Во Гостивар повеќе луѓе имаат амбиција да го водат огранокот, но никој не би се осмелил да му се спротивстави на Бејта, туку тие би влегле во трка само доколку тој се откаже и по долги години реши да го препушти управувањето на огранокот на друг човек – вели партиски функционер.

В.С.

Поврзани новости