Ардита Дани ќе биде шефица на ДУИ во Кичево, во тетовскиот и гостиварскиот огранок се очекува натпревар

by Фокус

Изборот на потпретседателот на ДУИ и довчерашен градоначалник на Чаир, Изет Меџити, за нов претседателот на чаирскиот огранок на интегративците, кој долги години го предводеше контроверзниот Беќир Асани, претставува најава за изборните собранија што во следниот период ќе се оддржат во другите партиски ограноци.

Како што неофицијално дознава Фокус, уште отсега е речиси познато дека шефица на партискиот огранок во Кичево ќе биде Ардита Дани, која во минатиот период беше советничка во Советот на Општина Кичево од редовите на „интегративците“, а неодамна беше избрана во раководството на Форумот на жени на ДУИ.

Што се однесува до останатите поголеми партиски ограноци, според високи партиски извори, се очекува натпревар меѓу неколку претенденти кои веќе покажале амбиција за оваа партиска функција, меѓутоа сите чекаат да добијат согласност од партискиот лидер Али Ахмети пред да достават формална кандидатура, што впрочем е статутарно начело.

Имено, долгогодишниот партиски потпретседател и шеф на огранокот во Гостивар, Невзат Бејта, има намера повторно да се натпреварува за оваа позиција, меѓутоа, велат нашите соговорници, иста намера има и претставникот на помладата геренација на ДУИ – Валдет Џафери, кој стана министер за правда за време на политичката криза.

Понатаму, сегашниот претседател на партискиот огранок во Тетово Реси Абдурамани, кој своевремено како човек на веќе непожелниот Хазби Лика ја победи тетовската градоначалничка Теута Арифи, нема да остане на оваа функција, бидејќи, како што велат упатените, генералната определба е да се оди со млад кадар во овој огранок.

Инаку, екипирањето на партиските ограноци претставува уверира за претстојниот партиски конгрес што треба да се оддржи во ноември, на кој се очекува долгогодишниот партиски лидер Ахмети повторно да биде единствен кандидат за лидерското место.

-Ахмети секогаш посакува да има противкандидат, меѓутоа целта на ДУИ не е вештачки да произведе некој кој би бил само спотер, како што правеа други партии кога сакаа да фингираат внатрепартиска демократија – вели функционер од албанската владејачка партија, додавајќи дека при изборот на првите луѓе на централно и локално ниво се следи расположението на членството.

В.С.

Поврзани новости