Халид Муслимовиќ го најде Јордан Митев и му дојде на гости во Подареш!

by Фокус

Популарниот босански фолк музичар Халид Муслимовиќ дојде во Подареш, Радовиш, кај својот колега Јордан Митев. Музичарот објави фотографии од заедничката дружба во неговиот дом, а повод била нова песна на Муслимовиќ, со текст, музика и аранжман на Митев.

Босанските медиуми веќе објавија детали за соработката и за снимањето на новата песна на Халид, кое се одвивало во Македонија, а истата ќе била промовирана наскоро. Јордан Митев пак, обелодени дека станува збор за обработка на неговата песна ,,Ајде сите на нозе” и кажа дека вистинските луѓе не треба да ги бараш, туку тие самите ќе те најдат.

-Добрата песна ќе си го најде својот пат, порано или подоцна, колку и да сакаат некогаш да ја маргинализираат, а со тоа и да ве маргинализираат како човек. Вистинските луѓе не мора да ги барате, сами ќе ве најдат. Наскоро ,,Ајде сите на нозе” во изведба на една од најголемите легенди на балканската фолк музика, Халид Муслимовиќ-откри Митев.

Инаку, Халид (63) беше еден од најбараните фолк пејачи во поранешна Југославија и неговите албуми се продаваа во огромни тиражи. Албумот ,,Путуј, путуј, среќо моја” во 1985 година со тираж од над 800.000 примероци, беше прогласен за трет најпродаван албум во Југославија. Поради русото перче на косата, го нарекуваа Плави чуперак, и се уште има редовни настапи во Босна, но и кај дијаспората.

Вики Клинчарова

Поврзани новости