Халанд: Среќен сум во Манчестер Сити, но никогаш не се знае што носи иднината

by Fokus

Фудбалерот на Манчестер Сити – Ерлинг Халанд денеска изјави дека е среќен во англискиот клуб, но додаде дека „никогаш не се знае што ќе донесе иднината“, пренесуваат британските медиуми.

Халанд (23) пристигна во Манчестер Сити во 2022 година од Борусија Дортмунд. Тој има договор со англискиот клуб до јуни 2027 година. Сепак, некои светски медиуми најавија дека норвешкиот фудбалер би можел да се пресели во Реал Мадрид во 2025 година.

– Навистина сум среќен во Манчестер Сити. Навистина сум среќен со луѓето околу мене: тренерот, директорите, управата… Ќе кажам нешто што сега ќе заврши на сите насловни страници – никогаш не знаеш што може да донесе иднината. Можете да го напишете ова, но мора да напишете се што кажав на почетокот, а тоа е дека сега сум среќен – изјави Халанд на прес-конференција во Манчестер во пресрет на реваншот од осминафиналето со Копенхаген.

Норвешкиот фудбалер истакна дека во моментов не размислува за продолжување на договорот со Манчестер Сити.

– Фокусиран сум на теренот. Имаме многу игри. Пред два дена имавме дерби со Манчестер Јунајтед, потоа Лигата на шампионите, а во недела играме со Ливерпул. Морам да се фокусирам на сето тоа – додаде Халанд кој оваа сезона одигра 31 натпревар за Манчестер Сити и постигна 28 гола во сите натпреварувања.

– Пропуштив многу можности оваа сезона и веројатно ќе пропуштам уште некоја во иднина. Луѓето ќе ме критикуваат. Дали треба да размислувам за тоа? Не – вели тој.

Поврзани новости