Владата ќе продолжи со несмален интензитет безмилосно да ги троши парите на народот, исто како што своевремено со право ја обвинуваше Владата на Груевски, коментира поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини откако владата вчера го усвои буџетот за 2023 година.
-Популистички и демагошки се фразите на министерот дека целта на буџетот е “да се поддржат економскиот раст, реформите и евроинтеграциските процеси”. Не е точна ни констатацијата дека “нашата Влада даде најенергичен одговор во регионот на Западен Балкан на енергетската и ценовната криза”.
За Македонија најнеопходно е со буџетот со конкретни мерки, не само декларативно, да се подддржи намалувањето на јавната администрација и многу други буџетски расходи, како и борбата против корупцијата на високо ниво.
Во текот на дебатата за буџетот Владата е должна да одговори зошто кога, поради енергетската и ценовната криза кај сите соседни земји и пошироко состојбата е тешка, во Македонија да е најтешка, коментира Хајредини.
Предлог-буџетот за 2023 година што вчера беше усвоен од Владата предвидува економски раст од 2,9 проценти на домашната економија. Растот на економската активност и понатаму ќе биде придвижен од домашната побарувачка. Стапката на инфлација, според очекувањата, постепено ќе се стабилизира и е проектирана на 7,1 процент за следната година.
Вкупните приходи во Предлог-буџетот се планирани на ниво од 282 милијарди денари и се повисоки за 14,8 проценти во однос на 2022 година, а расходите на ниво од 324,8 милијарди денари или се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година. Буџетскиот дефицит е на ниво од 4,6 проценти од планираниот БДП.
Ф.Ф.С.