Довербата меѓу двете страни е на многу ниско рамниште и ова повеќе можеби е некое надмудрување или дел од целиот оперативен дизајн кој што Израел треба да го примени, а резултат е, исто така, и на големиот притисок што се јави од меѓународната заедница врз Израел, рече проф. д-р. Методи Хаџи Јанев, воено-политички аналитичар во вечерашната „Топ тема“ на ТВ Телма.
-Се јавија голем број на дилеми околу оправданоста на употребата на сила. Кај нас многу малку се посвети внимание на тоа, меѓутоа на светsко рамниште, употребата на сила на Израел доби фрапантни резултати што беше поразително за самиот Израел и за сите оние кои го поддржуваат. Посебно за западните држави, бидејќи во голема мерка меѓународната заедница го осуди она што го прави Израел и го нарече прекршување на меѓународното право, рече Хаџи Јанев.
Според него, договорот за примирје треба всушност да купи време, но и да го стави Хамас на тест.
-Мислам дека ова е мудар чекор на Израел, да направи примирје, бидејќи тие примирја се познати во склад со меѓународното хуманитарно право за купување на дел од времето, но да купи и легитимитет и да ја фрли картата на страна на Хамас. Првата фаза од т.н. информациска војна, Израел дефинитивно ја загуби, бидејќи Хамас, во оној класичен терористички смисол успеа да ја каже правата порака за проблемот во Палестина. И сето тоа фрли сериозен товар врз операциите на израелските одбранбени сили требаше да ги реализираат, истакна Хаџи Јанев.