ЦИВИЛ: СДСМ освои убедлива победа на фер избори по подолг период на изборни манипулации и злоупотреби

by fokus

Околу 55 отсто од регистрираните изборни прекршувања и припаѓаат на администрацијата на Државната изборна комисија и нејзиното организирање на вториот круг од изборите, како и на полицијата, велат од невладината ЦИВИЛ. Од таму во следните денови ќе побараат финансиски отчет од ДИК преку алатката слободен пристап до информации од јавен карактер.

Од ЦИВИЛ сметаат дека изборната администрација не го положи испитот. Најчесто прекршување на законот е забележувано кај членовите на избирачкиот одбор, односно во 33,8 од случаите учесници во прекршувањето се членови од ИО.

-По толку сериозни недостатоци, наредните денови, изборната администрација треба да даде објаснување пред јавноста и да понесе одговорност, по два изборни процеси во кои не успеа да ги спроведе соодветно на ресурсите кои ѝ беа обезбедени и во смисла на експертиза и во смисла на финансии и институционална поддршка – изјави на прес конференција Џабир Дерала.

Партиите и активистите учествуваат со 10 отсто од извештаите за изборни нерегуларности, а 15 отсто од прекршувањата на изборниот законик отпаѓаат на семејно гласање, велат од ЦИВИЛ.

Од таму сметаат дека најголемата штета е сепак нанесена од страна на партиите преку нивната национална реторика.

-За жал, националните теми беа на темната страна, исполнети со говор на омраза, етничка и верска омраза и тензии, ксенофобија и хомофобија кои ги промовираа дел од политичките партии. Ги повикуваме политичките партии да се соочат со резултатите, но и со недостатоците на изборниот процес и да го започнат утрешниот ден со санирање на штетите што ги предизвикаа во изминатиот период – порача Дерала.

Тој додаде дека и покрај сите недостатоци, изборите биле фер и демократски.

-Неофицијално, денеска бевме сведоци на една убедлива победа на СДСМ на локалните избори во Република Македонија. Заврши еден турбулентен изборен процес кој, наспроти сите недостатоци, може да се нарече дека беше фер и демократски. Се  спроведоа слободни избори во земјата по долго време тешки изборни манипулации, злоупотреби и кражби – изјави тој.

 

Поврзани новости