Гувернерот на средба со претставници на пензионерите и директорот на ПИОМ: Започна исплатата на средствата на клиентите на „АЛТА банка“ АД Битола

by irena 14:02
14:02

„Утрово започна исплатата на средствата на граѓаните кои имаат платежни сметки во „АЛТА банка“ АД Битола, а не располагаат со платежни картички, со посебен приоритет на пензионерите и примателите на социјална помош“, информираше гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на средбата со претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија (СЗПМ), Станка Трајкова, и директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, Никола Мемов.

Исплатата на средствата се одвива непречено. Иако за денеска преку СМС-пораки беа повикани околу 400 граѓани, на шалтерите се услужуваат и граѓаните кои немаат оставено телефонски број за контакт, а самостојно дошле да ги подигнат средствата. Согласно со утврдените ограничувања, граѓаните можат да повлечат до 20.000 денари, во рамките на максимално дозволениот износ за период од две недели.

Гувернерот посочи дека Народната банка работи и на создавање услови за организирање исплата на средствата преку шалтери и во други градови во земјата, со цел да им се олесни пристапот на пензионерите и примателите на социјална помош до нивните средства.

„Ги разбираме загриженоста и потребата на граѓаните да располагаат со своите средства, особено кога станува збор за пензиите, платите и средствата наменети за намирување на секојдневните животни потреби. Сакам уште еднаш јасно да нагласам дека средствата на клиентите и понатаму се наоѓаат на нивните сметки во „АЛТА банка“ АД Битола. Привремените ограничувања се однесуваат на начинот на располагање со средствата и се воведени со цел да се зачуваат ликвидноста и стабилноста на Банката и да се заштитат интересите на сите нејзини клиенти“, истакна гувернерот Славески.

Гувернерот Славески, директорот на ПИОМ, Мемов, и претседателката на СЗПМ, Трајкова, ги повикаа пензионерите да бидат спокојни дека исплатата на средствата на пензионерите и примателите на социјална помош е приоритет во активностите на Народната банка. Воедно, беше посочено дека се работи и на изнаоѓање решенија за постепено обезбедување на другите банкарски услуги во најкус можен рок.

Слични вести