Марк Гордон – гувернерот на американската сојузна држава Вајоминг вчера го потпиша законот со кој се забранува употреба или препишување на апчиња за абортус, кој беше усвоен на почетокот на овој месец во државата во која владеат републиканците.
Гордон го потпиша законот бидејќи федералниот судија во државата Тексас размислува за забрана на национално ниво на хемикалијата „мифепристон“ како одговор на тужбата на групите против абортусот.
Срцето на предлог-законот од две страници е да се направи незаконско „препишување, споделување, дистрибуирање, продавање или користење на какви било средства со цел да се поттикне или да се изврши абортус“.
Од забраната се изземени таканаречените апчиња за утро, контрацептивни таблети кои се препишуваат и се користат по сексуалниот однос и пред да се потврди бременоста.
Оваа мерка вклучува и ослободување за секоја постапка неопходна за заштита на жената „од непосредна опасност што сериозно го загрозува нејзиниот живот или здравје“, како и за секој третман на „природен спонтан абортус според моментално прифатените медицински упатства“.
Прекршувањето на законот ќе се смета за кривично дело, казниво со затвор до шест месеци или парична казна до 9.000 американски долари.
Мерката утврдува дека жената „на која е извршен или обид (да се изврши) хемиски абортус нема да биде кривично гонета“.