Премините Рафах и Керем Шалом, кои Израел ги затвори и со тоа ја прекина испораката на помош за Газа, треба „да се отворат веднаш“.
Ова го изјави генералниот секретар на ОН – Антонио Гутереш, повикувајќи ја израелската влада да ја запре ескалацијата на конфликтот.
„Истовременото затворање на премините Рафа и Керем Шалом е особено застрашувачко за и онака очајната хуманитарна ситуација. Тие треба веднаш да се отворат повторно“, рече Гутереш во изјавата за новинарите.
Тој исто така рече дека генералниот напад врз Рафах би бил „хуманитарна катастрофа“.
Израел во неделата поради наводни ракетни напади го затвори преминот Керем Шалом, главниот премин за испраќање хуманитарна помош во Газа, а денеска израелската армија ја презеде контролата врз преминот Рафа, кој се наоѓа на египетската граница, со што заврши испораката хуманитарна помош за опколената палестинска енклава.
Гутереш истакна дека во такви околности агенциите на ОН кои работат во Газа може да останат без гориво уште вечерва.
„Ја повикувам израелската влада да ја прекине ескалацијата и да се вклучи конструктивно во тековните дипломатски преговори“, додаде тој.
„Не правете грешка, генерален напад на Рафах би бил човечка катастрофа“, рече Гутереш.
Израелската армија распореди тенкови и повика десетици илјади семејства во источниот град Рафах да се евакуираат.
Гутереш предупреди дека во Газа нема место каде што цивилите можат да се засолнат и изрази стравување дека може да има огромен број дополнителни цивилни жртви во случај на напад на Рафах.
„Дури и најдобрите пријатели на Израел се јасни, нападот врз Рафах би бил стратешка грешка, политичка катастрофа и хуманитарен кошмар“, рече Гутереш, повикувајќи ги сите оние кои имаат влијание врз Израел да направат се што можат за да помогнат да се избегне „уште поголема трагедија“.