Генералниот секретар на Обединетите нации – Антонио Гутереш ја поздрави иницијативата за прекин на огнот и ослободување на затворениците во Појасот Газа, претставена од американскиот претседател Џозеф Бајден.
„Сведоци сме на премногу страдања и уништувања во Газа. Време е да престанете. Ја поздравувам иницијативата на американскиот претседател Џозеф Бајден и ги охрабрувам сите страни да ја искористат оваа можност за прекин на огнот, ослободување на сите заложници, гарантиран непречен хуманитарен пристап и на крајот траен мир на Блискиот Исток“, напиша Гутереш на социјалната мрежа Х.
Планот, претставен од Бајден, предвидува шестнеделен прекин на огнот, преговори за условите за траен прекин на непријателствата и обнова на Газа.
Хамас објави дека позитивно гледа на содржината на предлогот на Бајден за постојан мир во Газа, пренесоа агенциите.
Палестинските здравствени власти проценуваат дека повеќе од 36.000 луѓе загинале во конфликтот во Газа.