(АРХИВА) Дали Иран го чека борба за превласт?

by Фокус

Текстот е објавен на 23 мај 2024 година во неделникот Фокус со број 1.494.

Политичката сила ќе ја измерат стариот и болен ајатолах Али Хамнеи и разни фракции на моќ од Техеран, кои ќе сакаат свој човек во претседателската палата. Но, речиси сите се децидни дека сѐ уште не е дојдено времето кога ваков настан може да го загрози опстанокот на Исламската џамахирија, која владее со Иран речиси половина век. За среќа, засега нема најави за меѓународни импликации, бидејќи речиси никој не се сомнева дека се работи за хеликоптерска несреќа поради технички причини.

Пишува: Дејан АЗЕСКИ

Претседателот на Исламската Република Иран, Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи Хусеин Амир Абдулахиан загинаа во хеликоптерска несреќа, која се случи минатата недела.

Хеликоптерот се урнал во провинцијата на Источен Азербејџан додека се движел кон градот Табриз.

Претседателот и шефот на дипломатијата се враќале од Азербејџан, каде што присуствувале на отворањето на брана на границата со оваа соседна држава.

Во хеликоптерот имало девет лица, меѓу кои и гувернерот на Источен Азербејџан, Малек Рахмати, и ајатолахот Мухамед Али Але-Хашим, претставник на лидерот на Исламската револуција во провинцијата.

Со оглед на вознемиреноста на домашната и меѓународната јавност уште во неделата, пред да се пронајдат остатоците од хеликоптерот, врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи изјави дека нема потреба за паника и страв за раководството на Исламската Република. Тој рече дека „нема да има прекин во работата на земјата“.

Според членот 131 од Уставот на Исламската Република, ако се случи претседател да почине додека ја извршува должноста, него го заменува првиот заменик-претседател, во овој случај Мухамед Мохбер.

Преземањето се случува со потврда од врховниот лидер, кој го има последниот збор за сите државни прашања во Иран. Потоа советот составен од првиот заменик-претседател, претседателот на парламентот и шефот на судството мора да организираат избори за нов претседател во максимален период од 50 дена.

РАИСИ БЕШЕ ТРН ВО ОКОТО НА ПОЛОВИНА СВЕТ

Секогаш кога ќе се случат вакви несреќи на највисоки државни званичници, па дури и во неважни држави како нашата, постои сомнеж и теории на заговор околу тоа кој стои зад целиот инцидент.

Во овој конкретен случај, тие гласини се многу поизразени бидејќи се работи за Иран, најмоќната држава на Блискиот Исток, која е де факто во војна со САД и нејзините западни сојузници уште од исламската револуција во 1978 година.

Плус ова и не е прв случај директно да се таргетираат највисоки ирански званичници, што особено често го прави Израел преку своите дронови и борбени авиони.

Дополнително за подгревање на овие сомнежи придонесува и навистина затегнатата дипломатска и безбедносна состојба во светот, како и самата личност на Раиси, кој од страна гледано беше еден од најпроблематичните и најпроактивни лидери што Иран ги имал уште од времето на Ајатолахот Хомеини.

Познато е дека уште од неговиот избор за претседател во 2021 година, тој ги заостри многуте ограничувања за Иранците со спроведување на законите за морал, а познат е и по крвавото задушување на антивладините протести предизвикани од смртта на Макса Амини додека беше во полициски притвор за наводно кршење на строгиот кодекс на облекување.

Шеесет и тригодишниот Раиси претходно беше на чело на судството во земјата. Тој се сметаше за штитеник на иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, а некои аналитичари сугерираа дека токму тој требаше да го замени 85-годишниот лидер по неговата смрт или оставка.

Под Раиси, Иран повторно почна да збогатува ураниум и да ги попречува меѓународните инспекции. Иран ја вооружи Русија во нејзината војна против Украина и изврши напад со беспилотни летала и ракети врз Израел во време на неговата војна против Хамас во Појасот Газа.

Иран за целиот период е отворен поддржувач на  Хамас, кој САД и Европската Унија го прогласија за терористичка организација, а, исто така, обезбедува поддршка со оружје за прокси групи на Блискиот Исток, како што се Хутите во Јемен и Хезболах во Либан.

Сепак, и во земјата не се согласуваа сите со политиката на Раиси. Статистички, на претседателските избори во Иран, во 2021 година беше забележан најмал одѕив на гласање во историјата на Исламската Република.

Раиси е под санкции од Соединетите Држави (САД) уште од неговата вмешаност во масовната егзекуција на илјадници политички затвореници во 1988 година на крајот на крвавата иранско-ирачка војна.

САНКЦИИТЕ, СЕПАК, МУ ПРЕСУДИЈА НА ИРАНСКИОТ ВРВ

Сепак, многу факти сугерираат и дека не мора да се работи за атентат, а особено не однадвор. Како прво, берзите во светот, особено во делот на нафтата, речиси и воопшто да не реагираа со промена на цените, што е јасен сигнал дека не постои преголема загриженост за евентуални ескалации по смртта на Раиси.

Никој од иранското државно раководство не се обиде да профитира од ситуацијата и да обвини некоја држава во регионот или светот за оваа трагедија.

Соседна Турција, со нивните напредни дронови „бајрактар“ најдиректно помогна во пронаоѓање на точното место на несреќата, а помош понудија и испратија и Русија и Индија. Дури и Израел, кој е познат по дејствувањето без ракавици јасно негираше дека не е вмешан во овој чин.

Што се однесува до САД, потенцијално најголемиот непријател на Иран, многу веројатно дека баш во овој момент нема интерес да ја ескалира ситуацијата на Блискиот Исток преку отворање трет фронт, кога веќе и со двата постоечки многу тешко менаџира и се справува.

Но, сепак, според експертите за воздухопловство, Западот индиректно (со своите санкции и со неможноста на Иранците редовно да ги сервисираат своите воздухоплови), има придонесено за оваа несреќа.

Имено, веќе со сигурност се знае дека хеликоптерот, во кој загинаа иранскиот претседател Раиси и министерот за надворешни работи Амир-Абдолахијан, немал вграден примопредавател или тој бил исклучен. Тоа го потврди и турската спасувачка група, која прва ги пронајде остатоците.

Според изјавата на турскиот министер за транспорт, Абдулкадир Уралоглу, веднаш по веста за несреќата, турските власти провериле дали има сигнал од транспондерот на хеликоптерот, кој емитува информации за висината и локацијата.

За жал, системот најверојатно бил исклучен или хеликоптерот воопшто го немал – рече Уралоглу.

Исто така, се објави дека ирански официјални лица испратиле меморандум до иранската влада за купување два руски хеликоптера за лидерите на земјата, поради загриженост за состојбата на застарената флота ирански хеликоптери, кои тешко се одржуваат поради санкциите.

Леталото што се урна во неделата близу границата со Азербејџан беше хеликоптер „бел 212“ од американско производство, чија старост не е позната. Другите два хеликоптера што биле во конвојот на Раиси безбедно го завршиле патувањето, што дополнително дава тежина на тезата за несреќа

Сепак, ќе остане запаметено дека Раиси загина само недела по неуспешниот обид за атентат на словачкиот премиер Роберт Фицо, кој, исто така, се смета за еден од проблемите во најава на колективниот Запад.

ВОНРЕДНИ ИЗБОРИ НА 28 ЈУНИ

Веќе е најавено дека по смртта на иранскиот претседател на 28 јуни ќе се одржат вонредни избори за претседател на Иран, а до крајот на изборите оваа должност ќе ја извршува досегашниот прв потпретседател Мохбер.

Советот на чувари, надпарламентарно тело составено од членови на свештенството, е задолжен за одобрување кандидати за извршни функции во владата на земјата, вклучувајќи ја и функцијата претседател на Иран.

Според пишувањата на главните светски медиуми, ова е идеална можност за групите на моќ што се противат на врвниот верски поглавар да се обидат да инсталираат свој човек на претседателската функција, која е втора по значење во државата.

Несомнено и непријателите на Иран ќе се обидат да ја злоупотребат ситуацијата за да внесат раздор во раководството што долгорочно би претставувало еден чекор понатаму кон главниот план за враќање на Иран кон секуларизмот.

Но, како што моментално стојат работите, без разлика на својата старост и болест, врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи покажа дека умее цврсто да ги држи работите во свои раце и дека е многу веројатно дека повторно тој ќе одлучи кој ќе биде следниот претседател на Иран.

Дури и да биде притиснат да направи некој компромис од кадровски тип, речиси сите се убедени дека тоа никако нема да влијае ниту на внатрешната, а особено на надворешната политика на Иран, држава која очигледно уште долго ќе остане исламска џамахирија и трн во очите на сите оние што сакаат да загосподарат со Блискиот Исток и неговите природни богатства.

 

ИРАН, СЕПАК, НЕ Е ТОЛКУ ИЗОЛИРАНА ДРЖАВА

По трагедијата што го погоди Иран, навистина е изненадувачки одговорот и реакциите од бројни држави во регионот и светот.

Соседен Пакистан прогласи ден на жалост, а Либан дури тридневна жалост.

Египетскиот претседател Абдел Фатах Ел-Сиси ја изрази солидарноста на Египет со „раководството и народот на Иран во оваа голема загуба“.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пак, го нарече Раиси „вреден колега и брат“.

Како колега, кој лично беше сведок на неговите напори за мир на иранскиот народ и нашиот регион за време на неговото владеење, се сеќавам на г-дин Раиси со почит и благодарност“, рече Ердоган на социјалните мрежи.

Индискиот премиер Нарендра Моди рече дека е шокиран од развојот и дека „Индија стои со Иран во ова време на тага“.

Ирачкиот премиер Мохамед Шија ал-Судани изрази „голема и огромна тага“.

Претседателот на Обединетите Арапски Емирати бин Зајед Ал Нахјан рече дека ОАЕ „стојат во солидарност со Иран во овој тежок момент“.

Рускиот претседател Владимир Путин го пофали Раиси како „извонреден политичар“.

Раиси беше извонреден политичар, чиј цел живот беше посветен на служење на својата татковина“, рече Путин.

Кинескиот претседател Шји Џинпинг ја нарече смртта на Раиси „трагична“ и рече дека „кинескиот народ изгуби добар пријател“.

Сирискиот претседател Башар ал Асад изрази солидарност со Иран и рече дека Сирија соработува со Раиси „за да се осигури дека стратешките односи меѓу Сирија и Иран секогаш цветаат“.

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро рече дека е „длабоко тажен“ поради смртта на Раиси, нарекувајќи го „одлично човечко суштество, бранител на суверенитетот на својот народ и безусловен пријател на нашата земја“.

Малезискиот премиер Анвар Ибрахим рече дека Раиси „е пример за длабоката посветеност на благосостојбата на својот народ и достоинството на неговата нација, која претставува горда и богата цивилизација вкоренета во принципите на исламот“.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел рече дека Европската Унија „го изразува своето искрено сочувство“.

Нашите мисли се со нивните семејства“, рече Мишел.

Како за една држава која е под санкции и изолираност уште од 1978, ваквиот одѕив на меѓународната заедница е навистина импресивен.

Поврзани новости