Ѓурчески: Загрижува тоа што родители ги обучуваат децата да ракуваат со оружје

by fokus

Да се заострат критериумите за издавање на одобренија за набавка, поседување и носење на огнено оружје, да се зајакне контролата врз ловечките здруженија, обуката на ловци почетници, контролата врз правните лица кои вршат промет со оружје како и оние кои користат оружје во вршење на работи од областа на безбедноста и контролата врз спортските стрелачки здруженија.

Ова се дел од предлозите на поранешниот помошник директор за криминалистички работи во БЈБ при МВР, Љубомир Ѓурчески по трагичниот настан што се случи во основното училиште во Белград кога седмоодделенец уби осум деца и чуварот на училиштето.

По овој настан Ѓурчески отвара неколку прашања поврзани со малолетниците и оружјето.

-Достапноста на огненото оружје на малолетните лица,
-Обуката на деца и малолетници да ракуваат и употребуваат огнено оружје,
-Поседувањето на оружјето со дозвола и неговото чување во домашни услови,
-Распространетоста на нелегалното оружје во регионот и во Р. Македонија,
-Законската регулатива со која се регулираат условите за набавка, поседување и носење на огнено оружје,
-Остварување на контролната и откривачката функција на Министерството за внатрешни работи врз легално одобреното оружје и пронаоѓање, одземање и процесуирање на држателите на нелегалното оружје пред надлежното Јавно Обвинителство.

-Ако направиме една посериозна анализа на вкупната состојба како и објавените статистички податоци за бројот на легалното огнено оружје од страна на МВР се гледа дека во Македонија па и во околните држави има огромно количество на оружје кое го поседуваат граѓаните (што легално, што нелегално).

 

Нелегалното оружје кое го поседуваат граѓаните особено по оној распад на безбедносниот систем во поранешната СФРЈ и Р.Албанија е во рацете на криминогените групи особено оние кои вршат организирани форми на криминал – Рекет, Изнуди, Грабнувања, Нелегална (шверц) трговија со дрога и огнено оружје, Трговија со луѓе и човечки органи, Перење пари и тн. Загрижувачка е состојбата со поседувањето на огненото оружје, вели Ѓурчески во изјава за „Фокус“.

Како што објаснува тој, според криминалистичката наука секогаш легалното во основа го множиме со три, за да ја добиеме темната бројка на некоја криминогена појава.

-Посебно загрижува фактот што родители спротивно на закон ги обучуваат своите малолетни деца да ракуваат со оружје и да пукаат со истото. Тука треба да има најсериозни санкции затоа што со таа обука се зголемува и насилниот нагон кај децата и малолетниците.

 

Ете токму еден таков пример е и овој трагичен настан во кој се загубени девет животи и дополнително се повредени четири лица. Тука мора да ги имаме во предвит и психичките трауми кои ќе се појавуваат кај лицата кои биле присутни и потенцијални жртви за време на одвивање на настанот во Белград, додава Ѓурчески.

Посебно прашање, според него е за безбедното чување на оружјето кое граѓаните легално го поседуваат. Тој вели дека чувањето на оружјето во домашни услови мора да е така обезбедено во соодветни сефови или шкафови за да не може да биде достапно за децата и малолетниците.

-Оваа контрола мора да биде и законски регулирана. Покрај овој трагичен настан во Србија и кај нас имавме објава на фотографии на социјалните мрежи како родител обучува дете да ракува и пука со пиштол. Згора на тоа тој родител врши државна јавна функција- Директор на ЦУК за што јас лично го опоменав господинот Стојанче Ангелов да ги симне таквите фотографии затоа што негативно делуваат врз децата и малолетниците, објаснува Ѓурчески.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за Алсат изјави дека во земјава има околу 180.000 официјално регистрирани парчиња оружје.

Алармот за ревизија на дозволите за употреба на огнено оружје се вклучи по двете сериски убиства во Србија. Српските власти го започнаа процесот на враќање на нелегалното оружјето со ветување за амнестија. Во меѓувреме, кај нас Јавниот обвинител повика органите на прогонот да бидат поригорозни при кривичните дела поврзани со недозволено поседување оружје.

Ф.Ф.С.

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Поврзани новости