Актуелниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ пред вториот круг од претседателските избори в недела изјави дека „сите потенцијали на големосрпскиот национализам“ се во функција во предизборната кампања. Тој во интервју за „Гласот на Америка“ рече дека и за време на актуелната предизборна кампања „имаше мешање однадвор“ и додаде дека тоа „постојано се случува“.
„Само некој кој не е заинтересиран за балканскиот живот и политика не гледа дека големосрпскиот национализам е многу активен, дека неговите актери сфаќаат дека се ближи моментот кога ќе мора да се соочат со фактот дека Косово е изгубено и би сакале да обезбедат некаква компензација во форма на, би рекол, продолженото влијание на Србија врз регионот. И претпоставувам никого не изненадува што првиот поглед оди кон Црна Гора“, рече Ѓукановиќ.
Ѓукановиќ рече дека е уверен во својата победа во вториот круг од изборите на 2 април, во кој неговиот противкандидат е заменик-претседателот на популистичко движење Европа сега, Јаков Милатовиќ.
Тој изјави дека денес „неспоредливо му е појасно дека Црна Гора не го избира само својот претседател, туку дека треба да ја потврди својата истрајност на патот кон постигнување на европскиот систем на вредности, место во ЕУ и европски квалитет на живот“.
„Алтернатива на тоа е членството на Црна Гора во Отворениот Балкан, „српскиот свет“ и оние веќе видени лоши алтернативи во кои земјите од Западен Балкан, низ историјата, го трошеа своето време“, додаде тој.
Изрази уверување дека, доколку остане на функцијата претседател, Црна Гора ќе стане членка на ЕУ во текот на неговиот следен мандат, односно во следните 5 години.
„Апсолутно сум сигурен дека тоа можеме да го оствариме во мојот следен претседателски мандат. Потребно е само државата да добие одговорна администрација преку соодветни претседателски избори, а потоа и на парламентарните избори на 11 јуни“, порача Ѓукановиќ.