Прочита уште еден говор полн со лаги, малициозен, заканувачки, потсмешлив, додворувачки, во зависност од тоа во кој дел кому му се обраќаше. Ништо, ни помалку, ни повеќе не се очекуваше од Груевски во овој момент, освен да биде тој што е. Злобен и неприкосновен во својот наум, тој не се помрдна од мртва точка, како да е во бессознание, како месечар кој ниту знае што прави, ниту на каде се движи, оди по истиот пат, мижејќи.
Ја мрази Европа, ги мрази Европејците, кои ги нарекува странци. Тие се навистина странци толку што може и од друга планета да доаѓаат.
Ставете го на „мјут“ и посматрајте го зашто тој и онака не ги кажува своите зборови, туку ги чита туѓите, кои се обидуваат да му ги формулираат злокобните мисли во кои му се обраќа на својот „народ“, кој до ден денешен за него остана „каков-таков“.
Сѐ уште млад човек, тој изгледа веќе старо и круто, единствено што скапо на него се облеките. Така изгледа и целата свита сместена во еден театарски мизансцен полн со црвено кадифе и со лажно злато, кое би требало да асоцира на богатство. Всушност, богати се само тие благодарение на парите што ги украдоа. Лажни богаташи сместени во лажниот старо-нов театар, луѓето „од разговорите“ можат да се дистанцираат од себе бидејќи по природа се бесрамни, како војници замаршируваат во просторот со сцена на која има еден глумец. Премиерот.
За разлика од другите глумци, тој не се ни потрудил туѓиот текст да го научи наизуст. Неговото лице е како маска, неговата насмевка извитоперена, нема зеница во окото, нема топлина на лицето, нема ништо. Тој е како споменик на едно време што овој народ ќе сака да го заборави. На моменти е без здив, и тоа не е последица само на тоа што го чита цел час и половина, како да го тестира туѓото трпение. Неговите поданици му аплаудираат бледо, нема овации, нема извици. Рацете на тие што ги држи во дланка не се претерано црвени од аплаузи. Но, немаат каде, свесни дека направил од нив она што не се, ниту некогаш планирале да бидат. Случајни луѓе на кои единствено што е скапо е облеката, по цена, не по вредност онаа што треба да ја покрие безвредноста и ништожноста на карактерот стекнат и наследен. Слично како кај него, и неговиот говор го чита со испресечен здив што може да се толкува со повеќе причини.
Од тој говор нема да биде запаметен ниту еден збор, ништо, освен чувството што го предизвикува. Измешано гадење, неверица, вчудовиденост од истрајноста со која, освен себеси, цел народ повлекува надолу кон никаде. Овој губитник, кој на прв поглед се чини дека добил на лотарија. Ако се прочепка, можеби ќе се заклучи дека била наместена со лоша проценка.
Еден од најголемите тирани во поновата историја, кој во заложништво држеше една држава половина век. Фидел Кастро држи говор во судот што се нарекува четиричасовно сведочење контра обвинувањата донесени против него, Манифестот „26 јули“. Дека зборовите може да останат само на зборови, многупати е докажано низ историјата. Тој вели: „Да се живее во окови, значи да се живее во срам, да се даде животот за татковината, значи да се живее засекогаш. Сето ова што го научивме, нема да го заборавиме, иако денес на нашето тло се затвораат и се убиваат тие што се поведуваат токму од овие лекции, кои им биле кажувани уште од лулка. Родени сме во слободна земја која ни ја оставија во наследство нашите татковци, а Островот попрво би потонал отколку што ние би подлегнале на стегите на ропството.“
Така зборуваше Фидел Кастро, еден од гробарите на островот кому му го оставиле предците во наследство.
Така зборува и Груевски. Ги цитира основачите на ВМРО, присвојувајќи си ги нивните дела, сметајќи се за наследник, греејќи се со нивната слава.
Човек-губитник, кој за таков ќе го прогласи токму народот во кој се колне. А и наредните поколенија.