ГТЦ нема да падне

by Фокус

Го читам писмото/препорака од Општински комитет Центар на ВМРО-ДПМНЕ. Го читам и не ми се верува. Едноставно, не можам да сфатам дека по вмровското фијаско со победата на Андреј Жерновски во градоначалничката трка за општина Центар, по саботажата на лифтовите, по влечкањето на „човечиња“ од Пустец, по организираните туристички патувања за пензионерите на денот на гласање, по трите прегласувања на вториот круг, по спомениците инсталирани во раните мугри „додека комуњарите спијат“ и по сите валканици со кои се избламираа и не успеаа да го замолчат народот – сега, по втор пат, сакаат да си пукаат во нога. Можеби и во глава, кој знае. Зборувам за препораките кон членството на ДПМНЕ во општина Центар, во врска со активностите кои треба да се преземат за да пропадне рефередумот за Градскиот трговски центар, закажан за в недела, на 26. април.

Интегрално ги пренесувам за да нема забуни со кого си имаме работа:

1. Посета на домаќинства со цел информирање дека ставот на партијата е да не се излегува на гласање за референдумот. Потребно е да се посетат сите домаќинства во општината. На помош ќе дојдат членови од општинските комитети од Куманово, Велес, Прилеп, Гази Баба и Бутел.

2. УМС Ѓорче Петров, УМС Карпош, УМС Аеродром, УМС Бутел, УМС Кисела Вода, УМС Чаир и УМС Сопиште ќе бидат на располагање во вечерните активности за отстранување на пропагандниот материјал за референдумот.

3. Подготовка на пропаганден материјал за спречување на граѓаните и намалување на излезноста на референдумот (флаери и плакати).

Тоа е она што напишано. Не знам што се’ не е напишано, а ќе се оствари.

Ама затоа, знам дека на режимот многу ќе му значи неуспехот на овој референдум.

Знам и дека си имам работа со пакосници кои се исклучително креативни во осмислувањето долни, подмолни и нечесни тактики за реализација на своите цели.

Знам дека се безобразни кукавици кои ќе посегнат по било што, без срам и перде.

Знам дека играта одамна е повеќе од игра и дека веќе не се работи за тоа дали еден објект повеќе или помалку ќе се нагрди со барокна фасада или дали дуќаните ќе им се продадат на Аладин или на Али Баба и 40-те разбојници.

Исто така, знам дека живо ги заболе каква ќе биде идната надворешност на ГТЦ или звучната и топлинска изолацијата на дуќаните, бидејќи власта веќе е делегитимирана и нема како да ги оправда своите безумности.

И конечно, знам кои и колкави се мотивите и провизиите и во чии џепови тие завршуваат.

Затоа, им порачувам на сите ОК-сови и УМС-ови на ДПМНЕ: Не си го арчете бадијала времето, силата и образот. Покажете им на оние кои ве товарат со разноразни недолични задачи, дека имате свое достоинство и свое „јас“. Исперете ги рацете од валканите криминалии на врхушката. Излезете и вие на референдум и заокружете ЗА автентичниот лик на ГТЦ.

Вашите интервенции во НАШИОТ простор веќе не поминуваат.

Тхе енд.

универзитетски професор Гордана Попсимонова

Поврзани новости