Со 64 гласа „за“ и еден „воздржан“, судијката на Апелациониот суд – Скопје, Елизабета Дуковска во рамки на денешната 106. седница беше избрана за судија на Уставниот суд, предложена од Судскиот совет.
Дуковска е родена на 30.07.1961 година. Дипломирала на Правниот факултет во Скопје при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, а правосуден испит положила на 15.02.1990 година.
Во 2004 година е избрана за судија на Основниот суд Скопје 1, а од јули 2007 работела како стечаен судија во Основниот суд Скопје 2. Во 2009 година е избрана за судија на Апелациониот суд во Скопје.
Во своето долгогодишно искуство работела во Основен суд на здружен труд Скопје, како стручен соработник, во Окружен стопански суд Скопје, Основен суд Скопје 1 и во Апелационен суд Скопје, како стручен соработник.
Во рамки на оваа седница, пратениците го изгласаа и Предлогот на закон за ратификација на измените и дополнувањата на Договорот за слободна трговија меѓу Република Македонија и Украина и го избраа Вукељ Валдета за нов член на Државниот совет за превенција на детско престапништво.